Огромен е интересот на граѓаните за огласот за вработување на 1.600 лица од најзагрозените социјални категории. Досега пристигнати се 15.600 апликации, а нивниот број се очекува да достигне до 30 илјади.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов информира дека во планот за 2013 година обезбедени се околу 554 милиони денари за активните мерки за вработување, преку кои се планира повеќе од 10 илјади луѓе да се вклучат во овој процес, како невработени лица и за обука на невработените лица за стекнување вештини и за почнување свој бизнис.
Директорот на ЈП „Македонски шуми“ Жарко Караџоски информира дека огласот за вработување на 1.600 лица излегол на 22 мај, а завршува за една недела.
– Заинтересираноста е огромна. До вчера имавме пристигнати 15.600 апликации. Дневно доаѓаат по 1.200-1.300 апликации по пошта, а документи носат по 300-400 лица, рече Караџоски, кој смета дека бројот на апликации ќе достигне од 25 до 30 илјади.
Сите 1.600 лица ќе бидат вработени во ЈП „Македонски шуми“, на работни позиции помошници-работници, референти и соработници или советници. Потоа ако има потреба ќе има нивно преземање.