Амбасадорот на САД во БиХ, Мајкл Марфи изјави дека за геноцидот во Сребреница се виновни поединци, а не етнички групи, нагласувајќи дека е важно политичките лидери и институциите да имаат трајна обврска да ги решаваат и сите други воени злосторства за време на војната во БиХ.
„Признајте ги фактите и прифатете, кажете ја вистината на помладите генерации, почитувајте ги жртвите, неуморно работете на пронаоѓање, ексхумирање и идентификација на исчезнатите лица и активно истражувајте ги и гонете ги осомничените кои сè уште се наоѓаат на слобода“, рече Марфи за време на посетата на Меморијалниот центар во Сребреница.
Според него, тоа е „единствениот пат кон иднината и за помирување на луѓето во БиХ, пат кој ги лекува раните на земјата и кој гарантира праведен и траен мир меѓу потомците на оние кои настрадаа и ги загубија животите од 1992 до 1995 година“.
Марфи истакна дека Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата ги утврдиле фактите за Сребреница, а истовремено сè уште се во тек напорите на најистакнатите политички актери во Република Српска да го негираат она што се случи во Сребреница.
„Во јули во 1995 година, групи во рамки на Војската на РС, под команда на Ратко Младиќ и политичкото раководство на Радован Караџиќ, извршија геноцид. Ратко Младиќ и Радован Караџиќ се воени злосторници, а не херои. Тие се виновни за геноцид. Никакво, мурал или споменик не можат тоа да го сменат. Нивната вина и срам се вечни“, изјави американскиот амбасадор во БиХ.