НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

За национализмот, идентитетот и надворешната политика на Македонија

0
By Нова ТВ on November 29, 2013 КОЛУМНА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Денко Малески

За национализмот, идентитетот и надворешната политика на Македонија

Еве ја накусо нашата ситуација. Дваесет и две години по независноста не ги остваривме стратешките цели на нашата држава, формулирани во нејзината надворешна политика во 1991 година – членство во НАТО и во ЕУ.Главна причина? Блокадата на Грција, а во поново време и Бугарија, држави членки на овие сојузи, кои се формирани да ги бранат интересите на сојузот, а не интересите на кандидатите. Значи, како мала држава која нема моќ да влијае врз поведението на нашите соседи, а камоли врз другите држави во светот, мораме да видиме што е тоа во нашето поведение што ги иритира не само соседите туку и нашите пријатели во светот. Одговорот е јасен – тоа, пред се, е нашиот национализам.

Знам дека мнозина дома долго порекнуваа дека воопшто постои македонски национализам, но, верувам дека денес ќе се согласиме дека онаму каде што има нација, има и национализам. Го имаше во минатото кога беше забрануван, го има и денес во услови на демократија. Всушност,изминативе две декади, живеејќи како слободни луѓе, учиме да го препознаваме,не само туѓиот, туку и сопствениот национализам. Учиме, исто така, дека во денешна Европа, национализмот не е исплатлив како државна политика, затоа што неговата исклучивост и авторитарност предизвикува конфликти со други политички опции дома и конфликти со други држави.

Една од практичните лекции на изминативе две декади е дека животот во слобода за сите, животот во демократија, има своја цена. Цената е слободното артикулирање на сите политички идеи, вклучувајќи ги и оние кои лично не ни се допаѓаат. Зашто, токму демократијата, која на национализмот му дава право да се изрази себеси, ми го гарантира и моето право да се изразам себеси. Имено, дека нашиот национализам е плод на имагинација дека некогаш постоела држава Македонија во современа смисла на зборот, имагинација дека била наша етничка територија, која нашите непријатели ја распарчале на почетокот од дваесеттиот век. Всушност, ни се допаѓало тоа или не, концептот е идентичен со оние на другите балкански национализми – со грчката Мегали идеја, со идејата за Сан-Стефанска Бугарија, со идејата за Велика Србија или со онаа за Илирида, сите производ на соодветниот национален романтизам, кој по дефиниција е незаинтересиран за реалноста. А реалноста вели дека таквите држави-конструкции на националните умови не постоеле како модерни политичко-територијални единици, а уште помалку дека биле исполнети со хомогено, „етничко-чисто“, население. Реалноста, исто така, вели дека обидот да се заменат сегашните „политички“ граници со оние „историските“ води во војна, за што речито зборуваат двете светски војни, мноштво војни во Азија и Африка, како и војните во поранешна Југославија.

Ќе споделам со вас едно интересно искуство од најновата историја на грчко-македонските односи. Во првите години од независноста Грција беше во грозничава потрага по непријател од нашата страна на границата. Со идеите кои ги застапувавме претседателот Глигоров и јас, тие немаа случај за кавга, зашто за кавга треба двајца. Си спомнувам дека нивниот генерален конзул во Скопје, ми ги потврди сомнежите дека неговата држава сака да испровоцира конфликт меѓу двата национализми, кога на моето прашање што е она што може да и приговори на македонската политика, не најде друг аргумент освен да констатира дека има и други луѓе со поинакви идеи во Република Македонија. Тие други кои ги чекаше грчката држава беа политичките претставници на македонскиот национализам, ривалот на грчкиот. Чекаа на површината на македонската политика одново да се појави идејата за Обединета Македонија, ставена под контрола од претходниот комунистички режи, за тоа да биде доказот за нашиот иредентизам. Чекаа, провоцираа и дочекаа. Така, македонскиот национализам, таа моќна алатка за етничка мобилизација и национална кохезија, и не помалку важно, за победа на избори, се институционализира во услови на демократија.

Се институционализира, така да речам, засекогаш. Имено, додека има демократија, секогаш ќе има националисти, секогаш ќе има либерали, секогаш ќе има социјалисти… Нашата недемократска политичка традиција не ни дава лесно да се прилагодиме на новите факти на животот. Мислам дека една од причините за жестокиот анимозитет во домашната политика се должи и на фактот дека партиите во Македонија сеуште не ја апсолвирале лекцијата дека, во услови на демократија, другата политичка опција е тука, така да се изразам, „засекогаш“. Но, ако е така, ако сите политички опции имаат право на постоење тогаш демократијата, на нешто подолг рок, има задача да не научи, прво да престанеме да се тепаме, потоа да почнеме се трпиме, па да се толерираме и на крајот да се почитуваме. За ова последново, како што стојат во моментов работите, особено по настаните во парламентот, ќе треба поприлично да причекаме. Размислувам: кога, во иднина, политичките опции, ослободени од сопствениот екстремизам, навистина взаемно ќе се почитуваат, не чека уште едно изненадување. Имено, дека тој фамозен „македонски синдром на самоуништување“, или како веќе се викаше таа клетва, не бил ништо друго туку отсуство на една „демократска состојба на умот“ меѓу нас Македонците.

Сега имаме сопствена држава, интересите на другите држави не се кршат директно врз грбот и главите на нашите луѓе разлеани по рабовите на посилните балкански земји, па ги нема историските причини за таквите крвнички непријателства. Освен, се разбира, оние кои се производ на алчната човекова природа да контролира се што може да се контролира. Но и за тоа има демократски лек. Денес, плуралната демократијата на политичарите им поставува тешка задача: низ еден спор, конфликтен и комплициран процес на прилагодување на интересите на различни политички опции да произведеме политика, која најдобро ќе го брани државниот интерес. Зашто,во услови на демократија, државен интерес е она што, низ еден демократски процес, политичките партии ќе го формулираат како државен интерес. Значи, обидот да се владее авторитарно во услови на демократија, на подолг рок, е осуден на неуспех, понекогаш и со лични последици по автократите. Минати и неповратни се времињата од еднопартискиот систем и оние од почетокот на деведесеттите, кога неконсолидираната демократија овозможуваше формулирање и спроведување на надворешна политика по замислата на претседателот и министерот за надворешни работи.

Денес, во услови на повеќепартиски демократски натпревар, улогата на претседателот, премиерот или министерот за надворешни работи е да ги помируваат политичките разногласија дома, со цел државата да зборува со еден глас во меѓународните односи. Тоа е ѓаволски тешка работа и во најнапредните демократии.

Значи ли тоа дека успешниот демократски процес е лек и за национализмот? Да. Зашто, кога би го оспособиле демократскиот систем на Македонија успешно да функционира, кога би имале цивилизиран дијалог на патриоти од двете страни на расправата, финалниот производ , да речеме – надворешната политика, ќе ги зема предвид сите интереси,аргументи и политички позиции, и нема да биде идентичен со ниту една партиска замисла. Така, на пример, во програмата на некоја партија може да биде запишано дека Македонија е до Индија, како што во програмата на индиската националистичка Џаната партија е запишано дека безмалку цела Азија е всушност „историска“ Индија, но, државните политики на Македонија и на Индија ќе бидат нешто друго. Затоа што само со таквото поведение можеме да произведеме за својата држава она што секој од нас како човечко суштество го посакува – безбедност и благосостојба.Со денешен политички речник кажано – НАТО и ЕУ.

Да повторам уште еднаш: се додека немаме цивилизиран дијалог меѓу партиите во Македонија, нема да имаме решение за крупниот проблем со кој се соочуваме – проблемот со името со Грција. Оптимизмот дека ние треба само цврсто да се држиме до нашето уставно име а дека некаков надворешен посредник ќе ни донесе прифатлив предлог, надворешна политика која се практикуваше од 1993 наваму, е оптимизам од балкански тип – оној кој нема основа во реалноста, туку во самиот себе. Прашањето бара наш ангажман затоа што во позадината е многу сериозен идентитетски спор – со Грција околу древното минато, а со Бугарија, околу поновата историја. И сега гледајте го слепилото на национализмот. Иако самиот спор во кој учествуваат три страни, е најдобра илустрација дека нема една вистина за Македонија, сите балкански национализми, одбивајќи да видат што е пред нивниот нос, го тврдат токму спртотивното – дека постои само нивната вистина за Македонија. Притоа едните не туркаат од себе, а другите не влечат кон себе. Но, првите би сториле се вторите да не успеат во намерата. Минатата недела на тркалезна маса во Скопје, посочувајќи на несогласувања меѓу Македонија и Бугарија околу „историјата и идентитетот“, бугарскиот амбасадор побара од нас да се посветиме на „она што не обединува“. Грците, пак, како што знаеме, од нас го бараат токму спротивното – да се посветиме на она што не раздвојува.

Можеби, со умна политика ќе успееме, прво заедно со соседите да ја прославиме нашата посебност,а потоа да го прославиме она што ни е заедничко.
Визави домашната јавност, нашата политика е исправена пред најтешката задача, несразмерно потешка он онаа на соседите, иако и задачата на политичарите од Грција и од Бугарија, не е лесна. Доминантното чувство меѓу нас Македонците е дека грчкото поведение во минатото личи на обид да се уништи нашето постоење („тие ни ја зедоа земјата“), додека денес личи на обид, како што рекол Емануел Кант „да се уништи нашето постоење како морална личност“ („сега сакаат да ни го земат името“). Зашто, факт е, да продолжам со цитатот на Кант, дека една држава е „општество на луѓе на кое никој нема право да му командува или да располага со него освен самата држава…Една држава е дрво со сопствени корења“.

Како тогаш до решение? Еден од идеолозите на грчката политка кон Македонија, алудирајќи на нашиот национализам, вели дека не името, туку идеологијата која се крие зад него е вистинската опасноста за неговата држава. Се разбира, мисли за идеологијата за Обединета Македонија, за поделената татковина и т.н. Тогаш, можеме ли да го дадеме нашиот национализам во замена за името за името? Одговорот е: не можеме. Веќе рековме дека каде што има нација, има и национализам, а во услови на демократија луѓето имаат право слободно да ги изразува своите политички погледи. Значи, национализмот е легитимна политичка опција во една демократија. Она што порано или, кај нас очигледно, подоцна ќе сватиме е дека национализмот не се исплатува како државна политика. Тоа би требало да доведе до промени во ставовите на водството на националистчките партии, кои можат да станат поумерени. Затоа што луѓето, сепак, учат од грешките во минатото и ги менуваат или барем ги ублажат своите политички погледи. Примерот на Србија кон Косово, покажа дека не народот туку водствата на националистичките партии мораат да и свртат грб на сопствената радикална националистичка варијанта и да го поведат во друга политичка насока.

Обвинувањето за попустливост насочени кон луѓе со поумерени политички погледи не е на место: во еден хипотетичен свет на либерални луѓе од двете страни на границата, тие, од грчката страна, би се срамеле да изнудуваат од нас промена на името, а ние, од македонската страна, не би се срамеле да кажеме дека, како и јазикот, нашиот базичен идентитет е словенски. Значи, не ставовите на либералните луѓе, туку националистичките политички опции со своите непомирливи ставови, во Грција и во Македонија, упатуваат на нужноста од компромис. Компромис кој ќе помине во парламентите на двете држави и, така, на голема врата ќе го отвори процесот на помирување помеѓу грчкиот и македонскиот народ.

Националистите, пишува Орвел, имаат „навика да претпоставуваат дека човечките суштества може да бидат класифицирани како инсекти“. Јас лично, ја немам таа навика, но нашите конфликтни национализми ни го налагаат токму тоа – да се класифицираме себеси во идентитетска смисла. Исправени пред оваа задача, ние можеме и натаму да тврдиме дека се што се случувало на земјата и што останало под земјата македонска е дел од нашата историја, но мора да внимаваме каде во историјата ги поставуваме темелите на нашиот национален идентитет. Имено, да не градиме таму каде што знаеме дека ќе не рушат.

Мислам дека, во овој тријаголник на „љубов и омраза“, кога ние, всушност, бараме да ја споделуваме историјата со Грција, а Бугарија бара од нас да ја споделуваме историјата со неа, мораме, како прво, да најдеме сопствена сигурна историска почва. Мојот личен став е дека, сопствена, сигурна историска почва на нашата нација и идентитет е онаа која е најблиску до историската вистина: од преродбениците од 19 век, времето на последната европска провинција на Отоманското царство – Македонија, преку Мисирков,па до АСНОМ.

…Јас излезот го гледам во обединување на политичките сили околу оваа интерпретација на нашата национална историја како државна политика, оставајќи го останатото во нашите приказни, во нашата митологија, или во програмите на разни здруженија и партии. Мислам дека така ќе излеземе од овој тријаголник кој ја попречува натамошната афирмација на нашата нација, како членка на два моќни сојузи – НАТО и ЕУ. Зашто, како што гледаме, регионалните орбити на интереси не се целосно поништени само затоа што соседите се во евроатлантската орбита. Разумот, пак, ни кажува дека наша задача е да се отргнеме од балканската орбита создадена од партнерството и ривалитетот меѓу Грција и Бугарија, и да влеземе во евро-атлантската орбита.

Овие исклучително емоцијални прашања, името, нацијата, јазикот, не може да се решат со мајоризација, ниту пак треба да се користат за взаемно рушење на партиите во Македонија. Зашто ако партијата која ќе се најде надгласана ја киднапира темата и да ја изнесе на улица, ќе предизвика сериозни последици по стабилноста на државата. Најмногу зависи од спремноста на политичари да поведат во оваа насока. Но, за тоа ни е потребна дебата во услови на стабилност. Лошо ќе биде ако решенијата бидат изнудена од некаква внатрешна или меѓународна криза. За владата да ја донесе оваа непопуларна одлука, мора да биде постигнат консенсус меѓу сите позначајни играчи на македонската политика околу природата на компромисот.

Дијалогот и демократијата се синоними. Дијалогот за градење внатрешен консенсус околу новата надворешна политика, може да биде и почеток на градење на нашиот нов национализам кој обврзува да ја сакаме Македонија, таква каква што е, мултиетичка, а не каква што национализмите сонуваат да биде, етнички чиста. Каква врска има ова со надворешната политика? Најдиректна. Имено, таква домашна политика би била нашата најдобра надворешна политика, која би ја имала безрезервната поддршка од САД и од ЕУ. Зашто да не заборавиме во кое време живееме – времето на американецот Барак Хусеин Обама и на германецот Месут Озил.

Новиот број на академското списание „Нова балканска политика“ (New Balkan Politics) на англиски јазик, ги објавува текстовите на Денис Близ (Велика Британија) и Флорин Кехаја (Косово), Денко Малески (Македонија), Ардит Мемети и Беким Нухија (Македонија), Христијан Ивановски (Австралија), Пламен Ралчев (Бугарија), Горан Илиќ (Македонија), Марија Еугенија Крусет (Аргентина), и Едвал Зото (Албанија). Уредник Проф. Мирјана Малеска
Списанието има отворен пристап до читателите на www.newbalkanpolitics.org.mk

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

УНЕСКО бара пристап до образование за авганистанските жени

August 15, 2025

ЕУ повика на прекин на „секоја ескалација на тензиите“ во Србија

August 14, 2025

Телата на четворица мажи пронајдени во водите на Сена крај Париз

August 14, 2025

Лондон и Берлин подготвуваат директна железничка врска преку Ламанш

August 14, 2025

ИНСТАТ: Населението во Албанија продолжува да се намалува, во првата половина од годинава пад на наталитетот за 7 отсто

August 13, 2025
ФОКУС

Трамп – Путин: Светските медиуми оценуваат – ништо од договор

ВОЈНА ВО УКРАИНА August 16, 2025

СиЕнЕн:  „Ќе разговараме со вас многу наскоро и веројатно ќе се видиме повторно многу наскоро“,…

Белата куќа: Трамп ги информираше Зеленски и лидерите на НАТО за состанокот во Алјаска

August 16, 2025

Белград: Воени сцени во центарот на градот

August 16, 2025

Белград: Центарот на главниот српски град и ноќва е поприште на немири

August 15, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.