Денеска, состојбата со воздухот и концентрацијата на ПМ10 честичките во него, повторно алармантна во Центар, Карпош, Ректорат, Лисиче, Тетово а сега и Кичево, кои забележуваат ниво „многу високо“, најголемата оценка.
загаденоста на воздухот на 20.12.2012
И додека во Македонија се одвиваат преписки помеѓу политичарите за тоа чија е одговорноста и кои се најголемите причинители за „гушењето“ на граѓаните во град Скопје, без конкретни мерки и само небулозни совети кои во пракса се тешко применливи, без разлика дали носат предзнак „првостепени“, на овој проблем со загаденоста на Скопје се укажува веќе неколку години наназад.
Покрај поефикасна имплементација на Охридскиот рамковен договор, реформите во судството, борбата против корупцијата, економските реформи, јавната администрација…во извештајот на Комисијата за ситуацијата со животната средина во Македонија, од 2008 година, во критериумите кои Македонија треба да ги исполни – јасно стојат и укажувањата дека е потребно подобрување во имплементацијата на законодавството и мониторниг на животната средина, зајакнување на Инспекторатот за животна средина и другите тела надлежни за спроведување (односно уверување дека казните и другите видови на санкции се соодветно применувани), како и развој на стратегија за инвестирање во животната средина.
„Постигнат е недоволен напредок во областа на квалитетот на воздухот. Донесен е закон за оценување на квалитетот на амбиентниот воздух. Измените на законот за квалитетот на амбиентниот воздух е донесен со цел да се одредат казнените одредби во согласност со Законот за прекршоци. Подготовките во оваа област се умерено во напредна фаза. До декември 2006 година, немало ниту еден надлежен орган за справување со воздушниот квалитет. Во принцип, МЖСПП и другите важни чинители се соочуваат со недоволни институционални и човечки капацитети за транспонирање и имплементација нацелите на ЕУ во врска со воздухот“, се вели во извештајот.
Загадениот воздух во Македонија е многу голем проблем. И покрај ниското ниво на развој на индустријата, индустриското прочистување на воздухот и контролата на емисиите се неефикасни, употребата на енергијата е неефикасна а загадувањето од дневниот сообраќај е на високо ниво. Квалитетот на воздухот е особено низок во урбаните средини, особено во Скопје, Велес, Битола и Тетово.
Во препораките од извештаите неколку години наназад, за животната средина во Македонија, се вели дека многу е важно да се надогради капацитетот на институциите задолжени за животна средина. Министерството за животна средина и просторно планирање и неговите институции (како што е Државниот инспекторат), го подобрија својот капацитет, но тоа не е доволно. Од поголема загриженост е слабиот капацитет на градските управи да ги имплементираат основните закони за животна средина. Потребни се стратегии за зголемување на нивните капацитети.
Анализата пак на Светска банка од минатата година, исто така предупредува за загадениот воздух во Скопје. И минатата зима неколку денови се измерени количество на прав и прашина повеќе од дозволеното, а некогаш и десет пати над дозволеното.
– Концентрацијата на РМ10 во воздухот е клучна мерка за загадувањето на воздухот. Во 2008 година, просечната годишна концентрација на PM10 во Скопје била 80 микрограми на метар кубен, а во 2011 година пораснала на просечни 130. Ова остро зголемување е загрижувачко. Во земјата во целина, просечната концентрација од околу 70 микрограми во 2008 година ја стави Македонија на околу 70-то место во светот по чистота. За споредба, просечната концентрација во земјите на ЕУ15 е 26 микрограми, што е доста под граничната вредност од 40. Уште позагрижувачки е дека меѓу урбаните области, во 2008 година, Скопје беше рангирано на 100-то место по загаденост (од околу 1000 градови), а во 2011 беше на 40-то место. Скопје има далеку најзагаден воздух во Европа, следено од Сараево со околу 120 микрограми и повеќе турски градови со ниво од околу 100 и бугарски градови со околу 70, забележува анализата.
Но годишните просеци не ја кажуваат реалноста бидејќи дневните вредности се исто така критични. Поради тоа, ЕУ утврдила дневен стандард за PM10 од 50 микрограми кој не треба да се надмине во повеќе од 35 дена во годината. Според овој стандард, квалитетот на воздухот во Скопје е дури и поалармантен.
Најалармантна е ситуацијата со смртните случаи како последица на лошиот воздух, односно Институтот за јавно здравје процени дека во 2011 година, во Македонија имало скоро 300 смртни случаи предизвикани од ситните честички.
Но според анализата на Светска банка, и географијата, економијата и мобилноста на Скопје придонесуваат за проблемот со PM10. Планините на запад и на југ и ридовите на исток ги спречуваат ветровите да го исчистат воздухот во градот.
Како друг поголем проблем се јавува и тоа што „најголем дел од македонската индустрија е лоцирана во или близу до главниот град, а правот од индустриските оџаци директно придонесува за загадувањето на Скопје. Емисиите од возилата, особено од постарите и правот од градилиштата исто така имаат значаен придонес. На крајот, централното греење на мазут и се поголемата употреба на печки на дрва кај домаќинствата (што е ретко во урбаните области во остатокот од Европа) осигуруваат високи емисии на ситни честички, истовремено со појавата на топлински инверзии“.
Овогодиншениот извештај што се однесува на животната средина, кој доаѓа од Европа, забележува дека во однос на хоризонталното законодавство, стратегијата за животна средина сеуште не е адаптирана…Во однос на квалитетот на воздухот, продолжува порамнувањето со правилата, законите, вредностите или стандардите на ЕУ.
Воглавно, извештајот од 2013 вели дека има лимитиран прогрес, (слично како и извештајот уште од 2006 година на пример).
Сега, колку се доволни граѓанските иницијативи, апелите на невладините организации, и тривијалните препораки кои доаѓаат од политичари, градоначалници за да се среди ситуацијата? Скопје влезе во втората недела каде што видливоста е на незавидливо ниво, што резултира со забавен сообраќај и привремено-затворен аеродром. А граѓаните овие, речиси две недели, се изложени секојдневно на акутните и хроничните заболувања кои што можат да се појават од големиот „облак“ во смеса на смог, магла, чад.