Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Заборавениот сојуз и пријателство „запечатено со крв“: Кога нацистите и сталинистите парадираа заедно

0
By Zoran Ivanov on May 7, 2026 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Thursday, May 7, 2026 15:25

Ден на победата!? За каква победа може да зборува Кремљ кога, всушност, Втората светска војна ја започнаа заедно со Хитлер, со заедничка окупација на Полска!

Џабир Дерала

Додека денешна Москва трескавично ја прекројува историјата за да ја нахрани пропагандата за „денацификација“, прашината во светските архиви крие една многу помрачна вистина. Пред кукастиот крст и црвената ѕвезда да станат смртни непријатели, тие беа сојузници во најголемото злосторство против мирот во 20-тиот век.

Најсрамниот и најексплицитниот доказ за овој „братски“ зафат на нацизмот и сталинизмот не се само тајните протоколи на хартија, туку чизмите што маршираа заедно. Нашата сторија започнува со Брест-Литовск, некогаш дел од Полска. На 22 септември 1939 година, во градот Брест-Литовск, светот сведочеше на настан што денешен Кремљ очајнички се обидува да го избрише од колективната меморија: заедничка воена парада на Вермахтот и Црвената армија над урнатините на Полска.

Насмевки на сојузниците: Рибентроп (лево), Сталин (во средина) и Молотов (лево) во Кремљ, 23 август 1939 година.

Само неколку недели по потпишувањето на тајниот протокол меѓу министрите за надворешни работи, советскиот Вјачеслав Молотов и германскиот Јоаким фон Рибентроп на 23 август 1939, Адолф Хитлер и Јозеф Сталин почнаа со поделбата на Источна Европа. Заеднички спроведоа инвазија врз Полска.

Молотов (лево) и Рибентроп при потпишувањето на Пактот, 23 август 1939.

Додека германскиот Вермахт ја нападна Полска од запад на 1 септември, советската Црвена армија го заби „ножот во грбот“ од исток на 17 септември. Оваа координирана инвазија, каде што два тоталитарни гиганти делуваа како чекан и наковална, целосно ја уништи секоја шанса за отпор на Полска. Германските и советските армии се сретнаа на територијата на поразената Полска во Брест-Литовск, кој првично беше окупиран од германскиот Вермахт, но според договорот му припадна на Советскиот Сојуз.

Video Player
Пријателскиот појадок и здравица на генералите

Наместо едноставно повлекување, двете војски решија да организираат свечен чин на примопредавање – воена парада што пред светот требаше да ја демонстрира моќта на нивното „пријателство“.

На импровизирана трибина во центарот на градот, еден до друг стоеја германскиот генерал Хајнц Гудеријан и советскиот комбриг Семјон Кривошеин. Нивната средба не беше само протоколарна; изворите го опишуваат нивниот разговор како исклучително срдечен.

Германскиот генерал Мауриц фон Викторин (лево), генерал на Панцертруп Хајнц Гудеријан (во средината) и советскиот комбриг Семјон Кривошеин (десно) стојат на платформата за време на парадата во Брест-Литовск, 22 септември 1939.

Пред самата парада, Кривошеин го посетил Гудеријан во неговиот штаб, каде што заедно појадувале и наздравувале за брзата победа над „капиталистичка Англија“. Кривошеин и Гудеријан се согласиле на заедничка трибина и музика од советскиот воен оркестар за време на германското повлекување.

Симболите на злото

Настанот беше вистински спектакл на тоталитаризмот. Градот беше украсен со т.н. „Победнички порти“ – славолаци на кои советските војници поставија кукасти крстови и црвени ѕвезди.

Советски и нацистички симболи поставени заедно за време на воената парада во Брест-Литовск, 22 септември 1939 година.

Се одржа и церемонија на знамињата. Додека германското знаме се спушташе под звуците на нивната химна, истовремено беше подигнато советското знаме со звуците на „Интернационалата“.

Потоа, германските трупи парадираа излегувајќи од градот, додека советските тенкови влегуваа, поздравувајќи се меѓусебно како сојузници.

Германската моторизирана единица им отстапува место на советските тенкови (Bundesarchiv Bild 101I-121-0012-30, Polen, deutsch-sowjetische Siegesparade, Panzer)
Катински масакр – еден од крвавите исходи на „Ѓаволовиот пакт“

Оваа соработка не заврши само со паради и ракувања, туку и со систематско уништување на полската елита. Додека нацистите ги спроведуваа своите расни закони, советската тајна полиција НКВД, по директна наредба на Сталин и Лаврентиј Берија, во пролетта 1940 година изврши масовна егзекуција на над 22.000 полски офицери, интелектуалци и полицајци во шумата Катин.

Фотографија (1943 г.) од ексхумација на масовна гробница на полски офицери убиени од НКВД во Катинската шума во 1940 година.

Овој масакр беше директна последица на Пактот Молотов-Рибентроп, според кој сојузниците се договорија дека полската држава не смее повеќе да постои, а масовнотите убиства во Катинската шума беше најефикасниот начин да се обезглави полскиот отпор.

Во заедничката инвазија на германските и советските армии, повеќе од 250.000 полски војници беа заробени, а 1,5 милиони Полјаци беа депортирани во тогашниот СССР, претежно во Сибир и Казахстан, каде што голем дел од нив завршиле во затвор или на принудна работа.

СССР спроведе насилна и еднострана промена на државјанството на окупираните територии. Со декретот на Врховниот совет на СССР од 29 ноември 1939 година, сите жители на „Западна Украина“ и „Западна Белорусија“ (окупираната источна Полска) автоматски добија советско државјанство. Ова му овозможи на советскиот режим легално да ги мобилизира Полјаците во Црвената армија (околу 210.000 лица) или да ги апси под обвинение за „предавство на татковината“. Оние кои одбиваа да го прифатат државјанството беа прогонувани, испраќани во Гулаг или биле под закана дека ќе испратени на териториите под нацистичка контрола. Полската влада и западните сојузници никогаш не ја признаа оваа одлука, сметајќи ја за нелегална анексија и кршење на меѓународните конвенции.

Со децении, Москва упорно и цинично ја префрла вината за ова злосторство врз нацистите, на ист начин на кој денес се обидува да ги извитопери фактите и за парадата во Брест-Литовск. Но тоа не е возможно. Бидејќи не се работи за инцидент.

„Ѓаволовиот пакт“, како што го нарекуваат историчарите и новинарите, е тема и во книгата „Крвави земји – Европа меѓу Хитлер и Сталин“ од историчарот Тимоти Снајдер. „Заедничка продукција“ и „близначки тоталитаризми“ се дел од термините што ги употребува Снајдер за да опише како советските и нацистичките операци биле меѓусебно поврзани и заедно создавале услови за масовно насилство. Тој аргументира дека „двата режима си помагаа еден на друг“ и „соработуваа за да создадат катастрофа поголема од збирот на нејзините делови“.

Снајдер тврди дека „заедничкото производство“ не се однесувало само на парадата од 1939 година, туку и на тоа како тие ги урнале структурите на државата (поточно во Полска и балтичките земји). Со уништување на локалните закони и институции, тие создале „зона без држава“ (stateless zone) каде што на поединците им била одземена заштитата, целиот регион ефикасно го претвориле во лабораторија за масовни убиства што ниту еден од нив не можел да го постигне изолирано.

„Паради на победата“ – од Гродно до Пинск и други градови

Иако парадата во Брест-Литовск е медиумски најекспонирана поради присуството на Гудеријан и Кривошеин, таа не беше единствениот чин на заедничко славење на окупаторите. Историските извори потврдуваат дека слични „победнички паради“ и свечени примопредавања се случиле и во други градови низ окупирана Полска во септември и октомври 1939 година.

Еден од најзначајните примери е парадата во Гродно, каде што во примопредавањето учествуваше советскиот комбриг Василиј Чујков, подоцна славен како херој во битката за Сталинград. Слично како во Брест-Литовск, германските трупи – откако претходно го освоија градот – парадираа пред советските офицери додека го напуштаа градот, препуштајќи им го на своите советски сојузници.

Заеднички воени дефилеа беа одржани и во градот Пинск, настани кои Германците официјално ги нарекуваа „Siegesparaden“ (победнички паради). Овие настани беа организирани за да се демонстрира воената координација и да се означи новата граница меѓу двата окупатора.

Историските архиви сведочат за голем број заеднички дефилеа на Вермахтот и Црвената армија и во Бјалисток, каде што локалното население било принудено да биде сведок на маршот на двете војски кои ја уништија нивната држава. Слично било и во Лвив, со таа разлика што таму не се одржала централна парада како во Брест-Литовск, туку градот бил претворен во сцена на повеќедневни заеднички воени свечености на почетокот на октомври 1939 година, по предавањето на градот од страна на Германците на Советите.

Московскиот печат и братството по оружје

Во деновите по 17 септември 1939 година, весникот „Правда“ бил полн со извештаи за „срдечните средби“ меѓу советските и германските војници.

Во изданието од 23 септември 1939 година, „Правда“ објавила официјално соопштение за падот на Брест-Литовск, нагласувајќи дека германската команда им го препуштила градот на советските сили во атмосфера на „меѓусебно почитување“.

Советскиот печат тогаш не го користел зборот „фашисти“ или „нацисти“ за Германците. Наместо тоа, тие биле нарекувани „германски воени сили“, па дури и „нашите германски пријатели“. Извештаите опишувале како германските офицери им помагале на советските трупи со мапи и насоки за побрзо да ги заземат териториите.

Инвазијата врз Полска во „Правда“ била нарекувана „Свет ослободителен поход“ (Освободительный поход). Пропагандата тврдела дека Црвената армија влегува за да ги заштити „браќата Украинци и Белоруси“ од колапсот на полската држава, додека во реалноста тоа било прецизно координирано со Вермахтот.

Во статијата на „Правда“ од септември 1939 година пишува:

„Германското население и војници срдечно ги поздравуваат единиците на Црвената армија. Се воспоставуваат пријателски односи меѓу војниците на двете армии.“

И советскиот министер Молотов, во својот говор пред Врховниот совет на СССР на 31 октомври 1939 година (објавен во сите весници), изјавил:
„Еден краток удар врз Полска од страна на германската армија, а потоа и од Црвената армија, беше доволен за да не остане ништо од тоа грдо чедо на Версајскиот договор.“

Срдечните односи меѓу сталинистичкиот и нацистичкиот режим го потврдуваат безброј записи и сведоштва.

Заедничко коминике за парадата во Брест, 23 септември 1939, „Известија“ (бр. 221)

Телеграми, писма, срдечни средби и заеднички коминикеа и „победнички паради“ се составен дел од „братството по оружје“ на советските и нацистичките елити во периодот 1939-1941 до почетокот на операцијата „Барбароса“ и нападот врз СССР на 22 јуни 1941 година.

Сталин до Хитлер и Рибентроп, Правда, 25 декември 1939 г.

„Пријателството меѓу народите на Германија и Советскиот Сојуз, запечатено со крв, ја има секоја причина да биде долготрајно и силно“, пишува Сталин во телеграмата до Хитлер и Рибентроп, како што објави весникот „Правда“ на 25 декември 1939 година.

Зошто е ова важно денес?

Овој настан не е само историска фуснота. Тој е потсетник на цинизмот на авторитарните режими кои се способни да ги потиснат своите идеолошки разлики за да ја уништат демократијата и да ги прекројат границите на суверените држави.

Парадата во Брест-Литовск е симбол на почетокот на Втората светска војна како заеднички потфат на две агресорски сили. За жал, ехото на оваа политика на „сфери на влијание“ и денес се чувствува во руската агресија врз Украина, каде што историјата повторно се користи како алатка за оправдување на територијални претензии.

Во меѓувреме, траат подготовките на диктаторскиот режим во Москва за прослава на „денот на победата“ на 9 мај. Но, за каква победа може да зборува Кремљ?

„Денацификација“ и „заштита на малцинствата“ како параван за агресија 

Денешната реторика на Путин за „денацификација“ на Украина не е ништо друго туку цинична злоупотреба на историјата.

Додека Москва се обидува да се претстави како единствен и дежурен борец против фашизмот, парадата во Брест-Литовск останува како вечен потсетник дека токму Сталин му овозможи на Хитлер да ја започне својата крвава кампања низ Европа.

„Денацификацијата“ и „заштитата на руското малцинство“ денес се користи како ист таков инструмент за агресија врз суверена држава – Украина – исто како што „заштитата на малцинствата“ беше изговор за окупацијата на Полска во 1939 година.

9 мај: Празник на победата или на заборавот?

Во пресрет на уште една „прослава“ на 9 мај на Црвениот плоштад во Москва, светот треба да ја препознае разликата меѓу историската вистина и руската верзија на „Денот на победата“.

За Кремљ, овој датум не е само чествување на крајот на војната, туку е дел од децениско перење на сопственото минато.

Во таа официјална верзија на историјата, периодот од 1939 до 1941 година – кога Хитлер и Сталин беа сојузници, кога заедно ја прекројуваа Европа и кога советската нафта ја движеше нацистичката воена машина – едноставно е избришан. Додека руските тенкови денес повторно газат низ Украина под изговор на „борба против нацизмот“, парадата во Брест-Литовск стои како сведоштво дека тоталитарните режими, без оглед на бојата и идеологијата, секогаш завршуваат на истата страна на историјата – на страната на агресијата, теророт и поделбата на туѓи територии.

Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк

нацизмот фашизмот џабир дерсала
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Автомобил се забил во толпа во Германија – има загинати и повредени

May 4, 2026

Бугарската полиција откри огромен подземен град од канабис во стар рудник

April 30, 2026

Локација во Бугарија со 70 пати поголема радијација од нормалната – наредба за мерки за претпазливост

April 29, 2026

Косово на прагот на нови предвремени избори

April 29, 2026

Нов земјотрес од 6,2 степени ја погоди Јапонија

April 28, 2026
ФОКУС
May 5, 2026Updated:May 5, 2026

5-ти мај – ден на македонскиoт јазик

ВЕСТИ May 5, 2026

Пораки за македонскиот јазик, неговата вредност и потребата за зачувување на аманетот од постарите генерации…

123 години од смртта на Гоце Делчев

May 4, 2026

Техеран: Иран испрати план од 14 точки до САД – Прекин на војната за 30 дена и нов режим за Ормуз

May 3, 2026

103-ка

May 1, 2026
ТИКЕР

Автомобил се забил во толпа во Германија – има загинати и повредени

May 4, 2026

Бугарската полиција откри огромен подземен град од канабис во стар рудник

April 30, 2026

Локација во Бугарија со 70 пати поголема радијација од нормалната – наредба за мерки за претпазливост

April 29, 2026

Косово на прагот на нови предвремени избори

April 29, 2026

Нов земјотрес од 6,2 степени ја погоди Јапонија

April 28, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.