„Убеден сум дека никој од вас не сака Струмица со сила да му биде украдена. Убеден сум дека сите заедно имаме еден единствен став дека не треба да дозволиме некој да ни го купи нашето достоинство, дека не треба да дозволиме некој да го стопира прогресот на Струмица, дека не треба да дозволиме некој да ни ја уништи гордоста, дека не треба да дозволиме Струмица од прва во Македонија некој да ја врати на позиции пред тоа.
– Да не дозволиме странски државјанин да ја води Струмица и од неа да направи протекторат“, рече денеска кандидатот и актуелен градоначалник Зоран Заев.
„Поради сево ова и поради фактот дека се премногу завршените дела на Зоран Заев, наспроти голите ветувања без личен печат на мојот противкандидат кој се крсти во неизвесна помош од централната власт, поради сево ова сигурен сум во уште поголема победа на неделното прегласување. Затоа драги мои сограѓани, излезете в недела гордо, храбро, достоинствено и одлучно“, рече Заев.