Премиерот Зоран Заев, ги повика истражните институции да ја проверат работата на Национална агенција за европски образовни програми. Тој во изјава за „А1он“ ја повика и директорката на Националната агенција, Лидија Димова, веднаш да излезе пред јавноста и да ги презентира сите детали во врска со распределбата на европските пари.
„Гледам во медиумите вести кои кај граѓаните со право може да остават сомнеж за користењето средства од европските програми за мобилност, образование и млади. Тој сомнеж е оправдан ако се знае на кој начин власта на ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребуваше европските пари.
Јас нема да дозволам да бидам рамнодушен ниту на сомнеж, ниту на евентуални злоупотреби. Затоа, ја повикувам директорката на Агенцијата Лидија Димова веднаш да излезе и на прес конференција да ги презентира целосно транспарентно сите детали во врска со начинот на распределба на средства од европските фондови наменети за образование и млади. Димова целосно и прецизно треба да ги адресира прашањата на кои реагира јавноста и за кои се јавува сомнежот.
Исто така, ги повикувам истражните институции до детал да ја проверат работата на Националната агенција за мобилност и во најбрз можен рок сите да добиеме веродостојна информација“, вели премиерот Зоран Заев за „А1он“.