Претседателот на СДСМ Зоран Заев, учествува на дводневниот состанок на Советот на европските социјалисти – ПЕС (PES-Party of European Socialists) кој се одржува во Софија, Република Бугарија.
Лидерот на СДСМ се сретнал со новиот бугарски премиер, Пламен Орешански, а на средбата Заев, според партиското соопштение, побарал поддршка од Орешански за Македонија да направи исчекор кон ЕУ, односно да добие датум за почеток на преговори.
Како што соопшти опозициската партија, на состанокот на највисокото тело на ПЕС, акцентот бил на отворањето на повеќе работни места за младите во цела Европа, но и на индустриската политика која ќе ја застапува европската левица.
Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, на состанокот побарал итни реформи на Европската унија заради граѓаните на цела Европа и пред се заради младите.