Кога присуството станува „доказ“, а навредата – политика. Што открива нападот на ВМРО-ДПМНЕ за нив самите?
ВМРО-ДПМНЕ повторно ја избра најлесната и најевтина комуникациска стратегија, без вистински аргументи. Присуството на Зоран Заев на одбележувањето на 35 годишнината од основањето на СДСМ, ни помалку ни повеќе, на прес конференција го претворија во „доказ“ за неговото влијание во партијата.
Притоа, избираат колку драматичен, толку и навредлив тон, па велат дека Заев бил „стопан“, а Венко Филипче „чирак“. Без факти, без анализа – само наратив за брза употреба.
Од една владејачка партија се очекува да понуди визија и конкретни решенија, особено во овие тешки кризни денови за земјата. Но власта избира да се сведе на пи-ар машинерија што произведува наивни, плитки напади и етикетирање на политичкиот противник.
Ако учеството на Заев во било кој формат – како поранешен лидер на СДСМ и премиер од редовите на таа партија – е навистина проблематично, тогаш ВМРО-ДПМНЕ може да се потруди тоа да го докаже и аргументира. Наместо тоа, во своето соопштение го нарекува „аболициран криминалец“ – формулација што повеќе открива за нивниот политички рефлекс отколку за реалноста. Поточно, тоа дополнително открива дека ВМРО-ДПМНЕ, иако во минатото се обидоа – на пола уста – тоа и да го сторат, сепак, не се дистанцираат од своето минато кога нивниот Никола Груевски „се прослави“ со полициско-судски прогон на новинари, интелектуалци и политички противници, како од редовите на опозицијата, така и од редовите на неговата партија.
Таквиот пристап не ја засилува позицијата на ВМРО-ДПМНЕ – напротив, ја разоткрива неспособноста за посериозен политички натпревар. Кога најсилниот аргумент е навреда, а доказот е присуство на одбележување на годишнина, проблемот не е кај противникот.
Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк





