– Никола Груевски мислам дека никогаш нема да ја информира опозицијата околу преговорите за името. За да се отвори дебата за ова прашање треба да се има пред се демократско општество. Ние во Македонија тоа го немаме. Информациите што ги имаме се оние од медиумите и тие што ги слушнавме од господинот Ахмети од изјавата во Софија.
– На средбата во просториите на ДУИ заедно заклучивме дека редот е информацијата ние од СДСМ да ја добиеме од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, а не од ДУИ, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев во интервју за Утрински весник.
– Ветувањата со кои ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт и она што денеска се случува се целосно спротивни работи. Денеска Македонија е изолирана земја, со уништени права и слободи на граѓаните, поданичко судство, слободата на медиумите е ограничена, администрацијата е пренатрупана и неефикасна, стандардот на граѓаните е урнисан, земјата е задолжена, задолжено е стопанството, задолжени се граѓаните.
– Државата, фирмите, граѓаните, семејствата се економски клекнати на колена. Македонија е земја во која, според официјалните извештаи на Светска банка, 370 илјади граѓани се заминати надвор од државата, од кои 300 илјади се млади. Тоа е трајно уништување на потенцијалот на државата.
– Во Македонија во 2006 година дојдоа на власт теоретичари кои никогаш во животот немаат ништо конкретно и практично сработено. Ги испорачаа своите ветувања за економска преродба, а потоа се’ што работеа беше популистички добро спакувано, но не даде свои резултати. Нема профитабилни и одржливи проекти кои ќе генерираат развој. Сведоци сме на целосно промашување, не само што немаше големи странски инвестиции, туку прекинаа да инвестираат и домашните бизнисмени.
Околу нападите дека Заев е практично продолжена рака на Црвенковски, лидерот на СДСМ вели:
Бранко Црвенковски има богато политичко искуство кое може да му помогне на секој политичар. Досега сме имале три средби. Го посетив да видам каде се канцелариите на поранешниот претседател на државата, немав одено порано. Немам комплекси како некој ќе го толкува тоа.
– Ако мислам дека треба да послушам одредена сугестија од Црвенковски ќе послушам. Тој дури е и премногу внимателен, не сакајќи да остави впечаток дека нешто прави од заднина. Кога сакав да го консултирам за одредени измени на Статутот на СДСМ, тој одби, не сакајќи тоа да се толкува дека се меша во процесот.
– Во иднина ќе го консултирам за многу работи, неговото искуство е од голема важност за СДСМ, но конечните одлуките ќе ги носат органите и телата на партијата впрочем како и досега.