Премиерот Зоран Заев попладнево во седиштето на НАТО во Брисел со сретна со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. На заедничката прес-конференција Столтенберг изјави дека Алијансата обезбедила 60 респиратори во вредност од 1,4 милони евра како помош за јавното здравство на Северна Македонија.
„Како што гледаме во последниве недели, бројот расте во сите европски земји, а не само во Северна Македонија. Тоа е причината што НАТО долго време веќе делува во напорите во борба против ковид-19. Помошта се реализираше и со поставувањето на полските болници и транспорт на опрема. Важно е воениот персонал да даде поддршка, а со тоа НАТО ќе продолжи да ги координира и да ги мобилизира овие видови поддршка. Дадовме клучна поддршка за Северна Македонија и понатаму ќе продолжиме. Денеска објавивме дека ќе обезбедиме респиратори и друга итна опрема. Работиме и за понатамошна поддршка, како и јакнење на нашите капацитети, затоа што заедно стоиме пред оваа пандемија“,, нагласи Столтенберг потенцирајќи го придонесот на македонските војници во Авганистан и нивното учество во мисијата на НАТО на Косово.
Истовремено, рече Столтенберг, тука се и другите безбедносни ризици како што се хибридните закани, каде исто така помага Алијансата.
На прес-конференцијата Столтенберг ја поздрави заложбата на македонската влада да го зголеми буџетот на одбраната за 0,2 проценти.