Македонија потклекна кога беше најпотребно. Македонија загуби глава кога најмногу ѝ требаше. Македонија остана без карактер во моментите кога се кршеше резултатот. И, конечно, Македонија не искористи шанса на генерацијата за пласман во полуфинале на Европското ракометно првенство во Хрватска.
Чешка триумфира со 25:24 (11:13) и ги спушти „црвено-жолтите“ на последното место на табелата во групата 2, а пред само пет дена беа нејзини лидери со три бода. Македонските ракометари се доведоа во подредена позиција иако имаа добиена, ги вратија во игра чешките колеги кои искористија се што им беше понудено и на крајот се насладуваа на победа.
Националниот тим имаше се што можеше да посака и тоа без Кире Лазаров. Од игра, резултат, стабилност и навидум грогиран ривал. Имаа 20:15 во 45 минута што во тие моменти се чинеше доволно за архивирање на третата радост на ЕП 2018, прва во Вараждин по двете во Загреб и острење за дуелот со Данска. Но, наеднаш се тргна наопаку, па противникот во 53 минута се доближи на минус 1 (23:22), во 55 израмни, а малку подоцна и за првпат поведе во средбата и до истекот на 60. минута ја задржа минималната позитива.
Македонија можеше да спаси барем бод преку седмерци, позиција што ја имаше во двата наврата во финишот. Првата не ја искористи Лазаров (Мрква го одбрани неговиот обид), одговорноста за вториот во 60 минута ја презеде Манасков чиј удар заврши со идентичен ефект како и на капитенот за шок и неверување меѓу репрезентативците и навивачите на трибините.
По четири гола реализираа Филип Миркуловски, Мартин Велковски и Стојанче Стоилов за македонската селекција, прв стрелец во натпреварот беше Чехот Хорак со седум погодоци, еден повеќе од Кашпарек.
„Црвено-жолтите“ попладнево од 18,15 часот ќе играат со Данска во последното коло во Вараждин во меч во кој ќе се обидат да се издигнат по убедливиот пораз од Шпанија и вечерашниот од Чешка што беше особено болен.
ЕП во ракомет
Група 1 (Загреб), 5 коло
Денеска играат
Србија – Белорусија (16 ч.)
Шведска – Норвешка (18,15 ч.)
Хрватска – Франција (20,30 ч.)
Табела: Франција 8, Хрватска 6, Шведска 6, Норвешка 4, Белорусија 0, Србија 0.
Група 2 (Вараждин), 4 коло
Македонија – Чешка 24:25
Словенија – Шпанија 31:26
Табела: Данска 6, Шпанија 4, Германија 4, Чешка 4, Словенија 3, Македонија 3.
Денеска играат
Словенија – Чешка (16 ч.)
Македонија – Данска (18,15 ч.)
Германија – Шпанија (20.30 ч.)