Во седиштето на ДУИ во Мала Речица се одржува средба на лидерите на ДУИ и СДСМ, на барање на Зоран Заев, претседател на СДСМ, јавува Телма телевизија.
Ова е прва нивна лидерска средба и таа доаѓа по неодамнешната средба на Заев со премиерот Груевски, што навестува и средби со водствата на другите политички партии.
Во пресрет на средбата, никој од нејзините актери не сакаше да прецизира за што точно ќе се разговара. Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека во фокусот на вниманието, пред се ќе бидат економските проблеми на државата, но и сите отворени и горливи прашања од политичкиот живот.
Од владејачката ДУИ, домаќин на средбата, потврдија дека една од темите на разговорот секако ќе биде и прашањето за името, како и евроатланските интеграции.