Експертите од ОН почнаа со уништување на арсеналот хемиско оружје на Сирија и машинеријата што се користи за негово производство, соопшти извор од ОН, повикувајќи на запазување на крајниот рок за елиминирање на програмата за хемиско оружје на претседателот Башар Асад за девет месеци.
Акцијата за уништување на оружјето во Сирија, е поттикната од нападот со хемиско оружје во август кога загинаа стотици цивили во предградие на Дамаск, што резултираше со консензус на ОН.
„Денес е првиот ден од фазата уништување и онеспособување. Продолжува и постапката на заверување“, изјави извор од ОН, кој тесно соработува со инспекторите.
„Планот е да се уништуваат две категории на материјали: опремата за производство, дел мобилна, дел статична, како и муниција“.
Подготвителен тим експерти за разоружување од Организацијата за забрана на хемиско оружје пристигна во Сирија во почетокот на месецот за да ја почне општата операција за расклопување и уништување на програмата за хемиско оружје во која се смета дека има околу 1.000 тони отровни агенси.
Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН постави строг распоред за целосно елиминирање на програмата до средината на 2014 година.