Повеќе од 70 учесници на минтингот на Демократската партија на Албанија побарале лекарска помош поради иритација на очите и кожата, откако непознат прав бил фрлен во воздухот. Митингот се одржа вчера во Тирана на почеток на предизборната кампања, јави агенцијата Анадолија.
Министерството за здравство на Албанија соопшти дека 76 луѓе се пријавиле во болничкиот центар „Мајка Тереза“ со симптоми на труење, иритација и печење на очите, иритација на кожата на изложените делови (лицето и вратот), а неколку од нив имале и проблеми со дишењето.
Девет лица се задржани заради опсервација во болницата. Меѓу лицата кои побарале лекарска помош е и лидерот на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша.
Учесниците на митингот за албанските медиуми изјавиле дека им се заматил видот откако “бел прав“ бил фрлен во воздухот, објави „Тирана тајмс“.
Се огласи и шефот на државата Бујар Нишани, кој порача дека со загриженост ја следи здравствената состојба на затруените.
Албанските медиуми јавуваат дека Нишани ја следи состојбата, а полицијата спроведува истрага за да се утврди за каков прав станува збор.

