Разговорите со американските претставници за мировниот план за Украина беа конструктивни, но не и лесни, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски пред планираните консултации со европските лидери во наредните денови.
Во саботата, Зеленски разговараше со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, а се очекува да се сретне и со француските, британските и германските лидери во Лондон денес. Планирани се понатамошни разговори во Брисел.
Американските претставници ги знаат основните украински позиции“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање. „Разговорот беше конструктивен, иако не и лесен“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека не е сигурен дали украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се согласи со новиот предлог на САД насочен кон прекин на руската агресија во Украина.
Соединетите Американски Држави разговараа со рускиот претседател Владимир Путин и украинските претставници, вклучувајќи го и Зеленски, рече Трамп.
Морам да кажам дека сум малку разочаран што претседателот Зеленски сè уште не го прочитал предлогот, тоа беше пред неколку часа, додаде тој.
Трамп истакна дека Москва „посакува да ја преземе целата земја… но Русија, верувам, е согласна со тоа“, додавајќи дека, сепак, не е сигурен дали Зеленски ќе се согласи со предлогот.
Во Флорида, специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џаред Кушнер, од четврток одржуваат неколкудневни разговори со украински претставници, вклучувајќи ги поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров и началникот на Генералштабот Андриј Хнатов. Тие во вторник одржаа петчасовен состанок со Путин во Москва.




