Неколку илјади жени Ромки задутре ќе го дадат својот потпис, за отварање на гинеколошка амбуланта во населбата Шуто Оризари. Меѓу нив е Надире Сејфула 15 годишна мајка на малиот Денис, кој е роден пред две недели. Оваа малолетна мајка немала можност да посетува гинеколог бидејќи во населбата Шуто Оризари каде што живее, со години нема гинеколог. И покрај тоа што бременоста и раѓањето на оваа возраст носат ризик, таа имала можност само еднаш да посети приватен гинеколог за да ја регистрира бременоста. Надире се породила со царски рез и се уште не може да се опорави од тешката операција.
-Само еднаш бев на гинеколог, платив приватно 600 денари за да ми ја регистрира бременоста. Немав пари за да одам во текот на целата бременост, изјави срамежливо Надире пред камерата на НОВА.
Нејзината свекрва Рамизе Куртишовска вели дека во населбата е неопходен матичен гинеколог како за бремените, така и за постарите жени кои имаат здравствени проблеми. Рамизе раскажува дека сиромашното население нема можност да плаќа приватно за преглед, ехо, како и за останати здравствени услуги, а трошок е превозот за да одат на лекар во други населби.
-Треба да има гинеколог како порано, не само за бремените жени, туку и за постарите кои имаат здравствени проблеми, вели Куртишова.
Не само Надире и нејзината свекрва, туку 88 проценти од жените во Шуто Оризари сметаат дека гинеколог им е повеќе од потребен, покажува истражувањето на ХЕРА. Тука најголемиот дел од луѓето живеат во голема сиромаштија, немаат основни хигиенски услови, а и инфекциите се честа појава. Сунита Али е бремена жена и за три месеци ќе се породи, а само два пати била на приватен гинеколог бидејќи толку и дозволувале финансиските можности.
-Немам пари да одам редовно, само два пати посетив гинеколог каде платив приватно околу 1100 денари за анализи, изјави оваа млада мајка.
Аида Мустафовска која работи како обучено лице и ги едуцира жените за нивните здравствени права во периодот на репродукција и бременост, вели дека ситуацијата е катастрофална, а застрашувачки е што патронажните служби воопшто не ги посетуваат жените во текот на бременоста.
-Од истражувањето и исказите на жените можам да кажам дека ситуацијата е катастрофална. Поради супстандардните услови жените често се подложни на инфекции, а нема ординација каде да одат на преглед, ниту пак имаат финансиски средства да одат во некоја друга населба, објаснува Мустафовска.
Преку иницијативата „Мониторинг од заедницата 12 жени Ромки“, пред две-три недели започнала иницијатива за собирање на потписи за отварање на гинеколошка амбуланта во Шуто Оризари. Од таму велат дека интересот кај жените кои сакаат да го дадат својот потпис е голем, а петицијата ќе биде доставена до Министерството за здравство.
-Очекувам да собереме 5-6000 потписи и таа петиција ќе ја испратиме во Министерството за здравство бидејќи потребата е навистина голема од матичен гинеколог во оваа населба, рече Љатифе Шиковска од невладината Амбрела.
Шуто Оризари е најголема општина државата, со над 22 000 жители. Се проценува дека во населбата живеат повеќе од 13 000 жени во репродуктивен период , од кои најголемиот дел примаат социјална помош, живеат во суспстандардни услови и не се здравствено осигурани. Жените се оставени без гинеколог од 2007-мата година.
Од Министертвото за здравство објаснуваат дека во рамки на Здравствената станица Шуто Оризари е обезбеден простор за гинеколошка ординација, каде во изминатиот период била доделена концесија, но поради лични причини на гинекологот, ординацијата престанала со работа по неколку месеци. Од таму најавија дека планираат лекар од Специјалната болница за гинекологија во Чаир еднаш неделно да ординира во Шуто Оризари.
Од Заедницата реагираат дека оваа мерка на го решава проблемот за жените да имаат постојано пристап до матичен гинеколог во нивната општина.
НОВА ја посети и Општината за да дознаеме има ли капацитет и расположение да помогнат финансиски, за комплетно работење на гинеколошка ординација. Но, таму топката ја префрлаат во Министерството за здравство, иако пред извесно време еден од советниците даде ветување дека општината ќе одвои 500 евра месечно за оваа намена.
-Треба прво да ги разгледаме законските рамки дали ние можеме да финансираме таква активност. Сакаме да помогнеме финансиски, но сепак сметам дека најодговорно за оваа област е Министерството за здравство, изјави Надире Селман, советничка во општината.
Животот во најголемата и најпозната ромска населба продолжува да пулсира. Но, таму каде што доминира сиромаштијата, опасноста е двојно поголема. Со тоа потребата од гинеколог е повеќе од неопходна, особено што жените во Шуто Оризари раѓаат два пати повеќе од македонскиот просек, но и смртноста на децата е двапати поголема од останатите етнички заедници.