Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски вели дека власта во раните утрински часови ја злоупотреби својата сила и ги исече дрвата кај Бристол. На ова место треба да никне зградата на Советот за радиодифузија во барокен стил.
„Од законски аспект работата е завршена пред да дојдам на функција. Исто како што и ноќе се сечеа дрвата, претходното општинско раководство го изгласа ДУП-от и целиот простор е во раце на централната власт. Не може сега да се преземе ништо легално. Ист е случајот и со катната гаража кај Авто-Македонија која ќе се гради во висина на зградите во барок стил“ рече Жерновски.
На отворената седница на Советот во среда, Жерновски ќе го побара ставот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, дали ги спроведуваат интересите на граѓаните или интересите на Груевски.
„Никогаш повеќе во општина Центар нема да се носат ДУП-ови без да се прашаат граѓаните. Се покажа вистинската причина за таканаречените спонтани протести пред општината. Не се работеше за црква, бидејќи никаде не станува збор за уривање или стопирање на изградба на црква, туку општината беше опседната за да се заштитат нечии бизнис интереси“ рече Жерновски.
Градоначалникот на Центар изјави дека не дава одобрение за изградба на катната гаража бидејќи има неправилности во давањето согласност за градба.
„Сакам да го спречам дивеењето во Центар. Не давам одобрение за градба на каракатуралното здание „Шпански скали“. Ова е јасна порака до инвеститорот. Очекувам нова лицитација за „Шпанските скали“ но ќе се обидам ова да го спречам“, рече Жерновски.
Претходното општинско раководство не побарало да го земе градежното земјиште и јасно е зошто. Доколку го направија ова, рече Жерновски, не ќе се случеше ова со Скопје 2014. Општината веќе презела чекори за преземање на градежното земјиште и Жерновски очекува и покрај опструкциите дека ова ќе се реализира.