Жестока расправа помеѓу пратениците од власта и опозицијата на вториот ден од општиот претрес по Предлог измените на Законот за минимална плата во Собранието.
За власта, со овој Закон ќе се обезбеди сигурна иднина за најмалку 80.000 работници чиј животен стандард, во услови на економска криза и инфлација, значително ќе се подобри. За опозицијата, Законот е дискриминирачки и тој велат ќе воведе раздор помеѓу работниците.

Од СДСМ велат дека предлог измените на Законот биле донесени преку еден транспарентен и отворен дијалог со социјалните партнери, Синдикатите како преставници на работниците и бизнис секторот, со што било исполнето уште едно ветување на Владата за зголемување на минималецот за дополнителни 2800 денари почнувајќи од месец март.
„Граѓаните на Северна Македонија треба да знаат дека како што растат цените на прехранбените производи оваа Влада се грижи да ја зголеми и минималната плата. Колку за потсетување во 2016 година минималната потрошувачка кошничка изнесуваше 32.158 денари, а минималната плата беше 10.800 денари. Денес, потрошувачката кошничка е 35.100 денари, а минималната плата со ова законско решение треба да биде речиси двојно поголема од онаа во 2016 година“, рече пратеничката Лолита Ристова од СДСМ.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со бурни реакции по излагањата на колегите од власта – негодуваа дека вака скроен, Законот ќе предизвика порамнување кај работниците со различен степен на образование, што велат, ќе го обезвредни коефициентот на сложеност на работните места и вредноста на бодот според кој се вршат пресметките на платите.
„Не е доволно да се донесе Закон без да се усогласи со Колективните договори. Платите мора да растат затоа што имаме галопирачка инфалција особено во делот на храната и енергијата, онаму каде што се погодени најсиромашните. Народот живее во сиромаштија, над 500.000 граѓани живеат во тешки услови, а најголем дел од нив не можат да ја покријат минималната потрошувачка кошничка која изнесува 35.812 денари“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов.

Трајанов вели оти пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го подржат Законот бидејќи на граѓаните им била добредојдена било каква помош, но вели не е доволно само да се донесе Закон за минимална плата без притоа доследно да се почитува примената на Колективните договори.
И од Алијанса на Албанците се децидни дека ќе го поддржат законското решение поради лошата економска состојба во која се наоѓа државата, но велат оти без усогласување на останатите плати ќе се намали продуктивноста и мотивацијата кај работниците кои досега земале повисоки плати и кои од следниот месец речиси ќе се изедначат со работниците кои се на минималец.
„Како земја погодени сме од кризи, зголемување на цените со што тешко се справуваме. Најголем дел од работниците во земјава се далеку под просечната плата и затоа мора да преземеме мерки за да им помогнеме. Ефектите од донесување на овој Закон ќе бидат подигнување на животниот стандард, намалување на сиромаштијата и подобрување на распределбата на приходите“, вели пратеникот Елми Азири додавајќи дека спроведувањето на Законот ќе има импликации врз буџетот. Азири ја повика Владата со предлог измените да бидат опфатени и помладите соработници и технички служби кои сега ќе се порамнат со работниците од пониските работни категории.
Претходно, премиерот Димитар Ковачевски ги повика пратениците да ги усвојат измените на Законот за минимална плата со минималецот од 15.200 ќе се зголеми на 18.000 денари.
„Граѓаните од нас очекуваат ефикасност и не смееме да дозволиме одложување на носењето на ова решение кое од огромно значење за работниците со ниски примања во време на криза. Ја повикувам опозицијата и нејзините пратеници да дадат поддршка на оваа верзија на законот и кончено да демонстрираме заедништво за одлуки важни за граѓаните“, напиша Ковачевски на „Фејсбук“.
Премиерот меѓу другото најави дека платите и пензиите ќе растат и во иднина бидејќи, како што вели, време било секој денар од буџетот да се насочи како финансиска помош за граѓаните и стопанството.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак преку допис до медиумите реагираат дека минималната плата ќе ја изеде инфлацијата од 6.7%, оти цените на основните прехранбени производи, горивата и струјата биле драстично покачени. Тие повикаа на усогласување на платите во јавниот сектор и покачување на пензиите за 20 отсто.
Законот за минимална плата, кој е во собраниска процедура, предвидува нова методологија во пресметките на минималецот. Социјалните партнери, кои учествуваа во кроењето на Предлог измените, се согласни дека тој ќе обезбеди сигурен и дилгорочен раст на минималната плата независно која политичка структура е на власт.
Критериумите од новата методологијата предвидуваат годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот, а висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.
Откако Законот ќе мине во Собрание 80.000 сограѓани, работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари, а државата со по 1197 денари за придонеси, ќе ги субвенционира оние фирми кои ќе ги исполнат условите.
(Б.Божиновска)