Атињаните, се чини, постепено се „ослободуваат“ од своите возила, не поради зајакнувањето на еколошката свест, туку поради неподносливата цена на горивата, пишува весникот „Катимерини“, објавувајќи податоци дека жителите на грчката метропола сè повеќе го користат јавниот превоз.
Бројот на патници во јавниот превоз, според весникот, веќе ги достигнува нивоата од 2019 година, односно периодот пред пандемијата, а зголемувањето особено е изразено кај градските автобуси и достигнува седум отсто споредено со три години претходно.
Во првиот квартал од годината, како што пишува „Катимерини“, валидацијата на билетите е зголемена за 39 отсто во сите превозни средства, а во просек зголемувањето е за 44 проценти во однос на истиот период лани.
Бројот на граѓани кои избираат да користат автобуси, тролејбуси, метро или трамвај, од јануари годинава постепено се зголемува, според официјални податоци од Организацијата за јавен транспорт од Атина.
Само во месец март, има зголемување за 124,5 отсто на валидацијата на билетите, во споредба со истиот период лани, иако првите месеци од 2021 година, Грција беше во карантин.