Живееме така што не умираме
Не се жалиме на жештината во август.
Напротив, додаваме бензин на огнот –
пееска на четириеска.
Па надвор од градов чии разгранети сенки
почнаа да паѓаат во сенка на секирите.
Планината ни дувна ветер под мишките.
Во рибникот нарачавме пушени ребра.
Езерото се огледаше во небото-тепсија.
На враќање месечината нè следеше
како што хеликоптер со рефлектор
го следи автомобилот на осомничениот
во нашата братска Америка.
Повторно во смрдливиот град кој веќе
одамна се жали на несоница.
Платите и пензиите не им стигаат
ни до петнаести а само на времето
се жалат, на жештината. Ги зацрни
портокаловата фаза.
Но ние не се жалиме на ништо.
Гладни сме за живот без разлика што
ни оставија само трошки, под масата.
Не можат они толку да тепаат колку
што ние можеме да издржиме ќотек.
Отрпнати сме, ко Орце Сељак сме.
Си ги живееме животите чекајќи
промени кои ќе им ги изменат
животите на некои други.
Живееме така што не умираме;
и среќни сме, зашто знаеме
дека има и бетер,
дека некои други умираат
затоа што не живеат.
08.08.2013