Златна зора функционираше како криминална организација под апсолутна контрола на нејзиниот лидер Никос Микалолиакос, во согласност со нацистичката доктрина која диктира дека сите потчинети мора да бидат назначени од страна на нивните претпоставени, се вели во извештајот на заменик-обвинителот на Врховниот суд, Хараламбос Вурлиотис која покажува дека партијата барала поддржувачи со боречки вештини и регрутирала млади Грци во своите редови, јавува грчки „Екатимерини“.
Во деловите од извештајот кои биле доставени до грчките медиуми, се покажува дека партијата работела по строга хиерархија, со наредби пренесувани од лидерот до заменик-лидерите и подредените.
Секоја локална организација била предводена од петчлена комисија на чело со организатор кој донесувал одлуки во врска со локалните активности, додека пет-члената комисија паралелно внесувала практиканти и кандидати пред нивните официјални влегувања во партијата, се вели во извештајот.
Членовите на Златна зора, регрутирани поради своите способности во боречките вештини, имале за задача да ги тренираат новорегрутираните во различни делови на Атика (во Атина), вклучувајќи ги Малакаса, Мандра и Саламина.
Како „најзагрижувачки феномен“, извештајот го нотира регрутирањето на младите Грци од страна на организацијата.
Според дел од извештајот, иако партиските членови и поддржувачи се поврзувани со серија насилни напади врз имигрантите, организацијата во некои случаи назначи мигранти да продаваат различни производи, нудејќи им заштита и дел од профитот.Полициските рации во канцелариите на Златна зора минатата недела пронајдоа кутии со шверцувани цигари.
Извештајот не исклучува учество на полицајци во некои од активностите на организацијата, но забележува дека потребна е дополнителна истрага за да се одлучи природата на нивната вмешаност.
Одделот за внатрешни работи на грчката полиција, минатата недела стартуваше истрага за сомнителните врски помеѓу Златна зора и полицајците.