Од изборниот штаб на СДСМ во Струмица изјавуваат за НОВА дека победи Зоран Заев на сите три гласачки места каде што се прегласуваше во вториот круг на локалните избори.
За Заев гласале поголем број граѓани во овој круг отколку во првиот.
Во Струмица се прегласуваше на избирачките места 1727,1730 и 1734 на кои право на глас имаа вкупно 3.255 граѓани.
– По одлуката на ДИК и на Управниот суд да се прегласува на три гласачки места на крај имаме повеќе гласови и поголема победа од претходниот пат. Тоа значи силна поддршка од граѓаните на Струмица за Зоран Заев, за СДСМ и за политиката која што ја водиме во општината Струмица, изјави Заев.
Според него, тоа ќе значи уште поголема обврска за Струмица која, како што рече, важи за една од најперспективните и најуспешните општини.
– Ние се нарекуваме европска општина. Имаме сега обврска да останеме европска општина, да бидеме и понатаму пример за сите други општини во Република Македонија, додаде Заев.