Секоја брза реакција може да има фатални последици а наскоро ќе има резултат и конкретен одговор за нова влада, изјави денес лидерот на ДУИ Али Ахмети по одбележувањето на 16-годишната од конфликтот во 2001 година.
ДУИ продолжува да ги анализира документите испратени од СДСМ кои, според Ахмети, не содржат «некакви атомски бомби“, туку дека се работи за конкретни прашања кои се однесуваат на интересите на Албанците и нивниот правен и политички статус.
„Се прават сите анализи во партијата. Ве уверувам дека документот не содржи атомска бомба. За сите детали ќе бидете информирани. Се работи за конкретни прашања за албанските интереси и ние правиме анализи. Мислам дека секоја избрзана реакција и одговор би имале фатални последици“, изјави Ахмети.
Одговарајќи на прашање за документот доставен од страна на СДСМ, Ахмети рече исто така дека албанските партии имаат свој предлог закон за албанскиот јазик кој е дел од платформата.
За Ахмети нема временски рок и внатрепартиските консултации продолжуваат. И додаде дека ќе има и средби со останатите албански партии, конкретно со лидерот на БЕСА Биљал Касами.
Но, генералниот секретар на ДР-ДПА, Арбен Таравари во гостувањето во емисијата Клик Плус на ТВ21 откри дел од понудите на СДСМ, меѓу кои и предлог законот за албанскиот јазик, кој содржи 74 члена.
Куса прес конференција денес одржа и портпаролот на СДСМ Петре Шилегов. На прашањето дали има сигнали од ДУИ за преговорите за нова влада Шилегов рече дека “сигналите ќе бидат во форма и во вид на потписи за мандат за нова влада”.
“Во оваа фаза зборуваме за мандат за состав на Влада. Ниту зборуваме за содржина, ниту зборуваме за форма и вид на Владата, и дали ќе се постигне таков договор. Кажавме и вчера, она што треба да го добие СДСМ е мандат за состав на Владата”, вели портпаролот на партијата.