Во дел од снимките од прислушуваните разговори кои синоќа ги објави опозицијата, Хелсиншкиот комитет препозна случај кој што бил пријавен од лице од Охрид, поради пречекорување на службените овластувања на неколку вработени од полициската единица Алфи.
Станува збор за телефонскиот разговор меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и раководителката на секторот за внетрешна контрола Анета Станчевска, на што му претходи разговор меѓу Мартин Протуѓер и министерката Јанкуловска. Тие договараат во Охрид да пратат неколку како што ги нарекоа бараби, за да интервенираат таму за време на изборите.
Лицето кое што го пријавило случајот наведува дека континуирано било малтретирано и било мета на владејачките партии поради неговата политичка припадност.
Последниот инцидент се случил за време на локалните избори кога бил претепан и измачуван од страна на петтмина припадници на едницата Алфи. Во преставката се наведува дека станува збор за Гоце Јаневски, Роберт Давитков, Марјан Накевски, Ахмет Џезми и други непознати полициски службеници. Настанот се случил кога охриѓанецот кој било во своето возило бил сопрен и опколен од три полициски возила(две на алфите и едно од полицската станица во Охрид)од 12 вооружени специјалци кои му ставиле лисици, му впериле автоматски пушки, го турнале на земја и почнале да го тепаат со клоци, тупаници и кундаците од пушките, објаснуваат во Хелсиншкиот комитет.
Во преставката има и изјава од сведок(чие име исто така го има во преставката) кој потврдил што се случувало вечерта на 23 03. 2013 година.
“Неколку лица насилно го влечеа во возилото Фиат Линеа, го фрлија таму, откако претходно на главата му ставија јакна“ вели во изјавата сведокот. Тој потврдил дека тепаниот не давал отпор туку бил совладан и тепан како „стока“.
Во Хелсиншкиот комитет врз основа на документацијата во предметот се обратиле во Секторот за внатрешна контрола барајќи информација за случајот, односно дали се превземени мерки по однос на пречекорувањето на службените овластувања на припадници на единицата Алфи.
„Од Секторот за внатрешна контрола беше доставено известување во кое се потврдува дека лицето било примено во полициска станица во Охрид со видливи телесни повреди, но дека примената на физичка сила во случајот била неопходна бидејќи тој ги нападнал припадниците на единицата Алфи. Од тие причини не само не се констатира дека постои одговорност на припадниците на Алфите, туку се потенцира дека поради ова од СВР Охрид до Јавниот Обвинител била поднесена кривична пријава за напад на службено лице во вршење на должност“изјави за НОВА Уранија Пировска извршна директорка на Хелсиншкиот комитет.
По ова лицето завршило во болница каде му бил извршен оперативен зафат. Следувала постапка во која тој е кривично гонет, што од страна на Хелсиншкиуот комитет била следена извесно време, по што престанале контактите со него.
Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и соговорник (Анета Станчевска)
ГЈ: Ало, Ане.
А: Еј, министерке.
ГЈ: За тој случајот што е у Охрид, што постапувате, гледајте нашиве да бидат ок, чисти таму.
А: Да, да, да. Да, да, нормално.
ГЈ: Добро, добро. Да не згреши некој таму, па после да ја оправаме.
А: Никако нема грешки, се знае, нашите мора да бидат чисти.
ГЈ: Да, да. Ок. Се гледаме.
А: Нема дискусија.
ГЈ: Важи, ајде поздрав, чао, чао.
А: Важи министерке. Чао.
Разговор помеѓу Мартин Протуѓер и Гордана Јанкуловска
МП: Слушај.
ГЈ: Кажи.
МП: Ја ќе одам утре за Охрид и до денот на избори ќе бидам таму.
ГЈ: Мхм.
МП: И договорив една екипа, нема да ти се допадне тебе ова, ама сакав да те замолам вака, да замижиш за ова. Значи, една екипа, 4-5 души од овдека, на Мацко брат му, такви некои, шо ќе бидат со мене таму.
ГЈ: Бараби.
МП: Да. Што ќе бидат со мене таму. Пошто ми требаат, тешки глупости има таму, плус и за нашиве да им го држат стравот, а и така, да бидат тука.
ГЈ: На Мацко брат му ќе ти направи уште потешки глупости, ама штом си го одбрал, чувај си го.
МП: Нека дојде сеа, него го познавам. Ќе го држам ја колку шо можам под вакво. Да ти пратам имиња и презимиња на луѓево шо ќе дојдат?
ГЈ: Не бе, нека шибаат, не е проблем, само нека се јават. Пошто на пример, он не е кај мене, он е у СВР.
МП: Аха.
ГЈ: Нека му каже на тој што му е шеф да не му пишува ништо, нема гајле, не е проблем.
МП: Фала ти многу.
ГЈ: Нема гајле бе. Ајде.
МП: Ајде чао.
ГЈ: Ајде чао.
Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Мартин Протуѓер
ГЈ: Да. Ало.
МП: Горде, како си?
ГЈ: Кажи Мартин, добро.
МП: Види, вчера имавме ние една мала акција овде у…собрани се тројца коишто за Ацо делеа пари и така. Под ова оградата, напад на овластено лице и така и сеа они имаат претставка до внатрешна контрола пратено.
ГЈ: Добро.
МП: Така да, да си у тек дека е тоа координирано све.
ГЈ: Абе види, ја ти кажав. Мислам, дај Боже да победиме во Охрид, ама со таа банда таму, мислам овие, твојава банда, нема лезет у таа работа. Ништо нема да им се случи, не се секирај, ама кај ги одбра бе Мартин најголемите багабонти у МВР.
МП: Најдобрите дечки се.
ГЈ: Абе ајде, Утка кога ти е соработник, до кое дереџе сме стасале, ама нема проблем за ова.
МП: Ајде. Тоа е.




