Поранешната пратеничка во Собранието, Силвана Бонева, е осомничена за злоупотреба на службената положба и незаконско прибавување на 100.000 евра на име патарини. Според истрагата на Специјалното јавно обвинителство под кодно име „Друмарина“, Бонева од 25 јуни 2011 година до 16 декември 2015 до собраниските служби поднесувала лажни фискални сметки за патарини.
Според доказите, Бонева имала сместување во Скопје, а за тој период доставила сметки за патарини за вкупно 843 патувања со сопствено возило.
НОВА ТВ дознава дека Бонева доставувала фискални сметки од патарина дека, на пример патувала во 17 часот попладне, а истиот ден била се уште во Собранието и гласала во 19 часот. Сметките најчесто ги добивала од таксисти кои сообраќале на релација Струмица-Скопје и обратно.
Исто така, според информациите на НОВА ТВ, СЈО направило увид и во броилата за струја во домовите на поранешната пратеничка во Струмица и во Скопје и според нив таа поголем дел од времето го минувала во Скопје, што е уште еден доказ дека дел од километражата која ја прикажала била фиктивна.
„Извршената анализа покажува дека ако патувањата би биле реално направени, осомничената би направила 235.928 км, но според доказите таа поминала 133.520 километри“, рече Фетаи.
Според истрагата Бонева, која е рекордер во наплатен надомест за службени патувања, на овој начин го оштетила буџетот за 5 973.802 денари или 100.000 евра.
Како адреса на живеење на Бонева се води Струмица, иако во Скопје на име на синовите има два стана. Таа 15 години работи во главниот град, од 2002 до 2015 како пратеник, а до пред неколку дена беше член на Државната изборна комисија и за целиот период на име на патарини инкасираше илјадници евра. Годишно според километражата таа добивала по 23.000 евра.
Во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија, Бонева нема сопствен недвижен имот. Пријавила имот на родители: Куќа со двор во Струмица од 4.880.000 денари и деловен простор во вредност од 610.000 денари.
Бонева вози Опел Астра, има две девизни книшки – едната од 1.300 евра и другата од 1.700 долари, а има и кредит од 10.000 евра.