Од:

Државно офшор казино:Тајни газди од Арапски емирати ортачат со владата

Ова е приказна за тајни и моќ, за пари чија трага сме спречени да ја следиме, приказна за отворено здружување на власта со анонимни офшор компании во државен бизнис вреден десетици милиони евра годишно.

Истражуваше Сашка Цветковска; Графиката е на Елена Митревска Цуцковска, а монтажата на Божидар Јовановиќ.

На почетокот на 2014 година до фановите на интернет обложувањето стасаа вознемирувачки вести. Владата одлучи да ги забрани странските веб страници за онлајн обложување.  Најавија дека отсега владата ќе биде таа која ќе го контролира онлајн обложувањето и ќе биде единствена која има право да организриа ваков вид на игри на среќа. За тие цели, владиниот портпарол објави дека ќе се формира јавно-приватно партнерство со една голема интернационална компанија која има искуство во оваа област и дека, на тој начин, ќе се спречело одлевање на милиони евра годишно надвор од земјата.

На истата прес конференција владата обзнани дека тие веќе спровеле тендер и дека партнерот е одбран.   „Реномираната австриска компанија „Аустриан Казинос“ која има децении искуство е одбрана како најдобар понудувач на тендерот распишан од Државната лотарија и тие задно ќе го организираат онлајн обложувањето“, рече Александар Георгиев, портпаролот на владата во 2014 година во јануари.

Неколку месеци пред оваа објава Државната видео лотарија објави меѓународен тендер во потрага по компанија која што во јавно-приватно партнерство со државната видео лотарија ќе организираат ваков вид обложување. Сопственик и единствен акционер во Државната лотарија е Владата на РМ.  

Ова истражување открива како „Австриско казино“ никогаш и не се натпреварувало на овој тендер, барем не директно. Компанијата победник сама по себе нема никакво искуство и е формирана десет дена пред да заврши огласот на Државна лотарија. Австриското казино е малцински сопственик во компанијата – партнер на владата во Државната видео лотарија, а другиот сопственик е офшор компанија од Обединетите Арапски Емирати.  НОВАТВ открива и како, пред последниот сопственик од Емиратите, во ова друштво постојано се менувале офшор компаниите.

Швајцарски компании  први влетаа во играта 

По победата на меѓународниот тендер објавен во јуни 2013 година, Аустриан Касинос Интернешнл ДОО беше одбрана како најдобар понудувач од страна на комисијата формирана од Државната Лотарија која е во целосна сопственост на Владата. Одлуката беше објавена на прес конференција во владата во јануари 2014 кога тие информираа дека Државната видео лотарија заедно со фирмата победник, Аустриан Касинос Интернешнл ДОО, формираат јавно приватно партнерство во заедничка компанија наречена Државна видео лотарија.

sopstvenicilotarija

Според документите од Централниот регистер кои ги обезбеди НОВАТВ, Аустриан Касинос Интернешнл ДОО е формирана на 23 јули или само десет дена пред формално да се затвори тендерот на којшто се бара потенцијалниот партнер на владата за јавно приватно партнерство.

Иако владата објави дека нивни партнер е реномираната австриска компанија „Аустриан Касинос“, од документите, освен што произлегува дека на тендерот се натпреварувала компанија од Македонија, а не од Австрија, тие не споменаа дека сопствениците на македонската компанија повеќе се Швајцарци отколку Австријци.  Реномираната австриска компанија „Аустиран Касинос“ навистина има влог во „Аустиарн Касинонс Интернешен ДОО“, но тие се малцински сопственик со 35 проценти удели, додека мнозински сопственик во првиот состав на компанијата при нејзиното формирање е компанија од офшор зоната во Швајцарција, Лугано, наречена Елсе Инвест АГ. Елсе Инвест АГ е формирана на 4 јули или само неколку по објавата на тендерот од страна на Државната видео лотарија.

sopstvenicikasinos

 

Во тоа време НОВАТВ пишуваше за оваа компанија и имавме обиди да дознаеме која е фирмата – партнер во друштото кое ја доби атрактивната зделка и монополски бизнис- Државната видео лотарија. Директорот на Државната видео лотарија Владимир Бахчовановски, иако одби состанок во живо со репортерите на НОВАТВ, сепак, комуницираше преку емаил пораки и споделувале детали од тендерот, но не кажа чија е компанијата во Лугано. Директорот на Државната видео лотарија, Дане Кузмановски, пак, рече дека за него не било важно кои се сопствениците. Тој тврдеше дека на менаџерската позиција дошол на покана на Австријците, а партнерот од Лугано никогаш не го сретнал.

„Мојот единствен интерес е државниот интерес. Не знам кој, како и зошто е во компанијата, мене ме интересира да ја водам лотаријата добро и успешно“, вака Кузмановски говореше во времето кога НОВАТВ пишуваше за првиот мистериозен офшор партнер во ова друштво, компанијата Елсе Инвест АГ од Лугано.

Купи си бизнис со државната лотарија за 5,000 евра 

НОВАТВ долго време ја следи работата на Државната видео лотарија. Иако првенствено беше најавено дека тие ќе одржуваат онлајн игри на среќа, по помалку од три години денеска државната видео го прошири бизнисот од онлајн на терен, па така, тие се присутни со слот машини во речиси сите казина во Македонија, а во последно време нивните слот машини ги има и најпопуларните обложувалници во земјава.  Но како што расте бизнисот, така се менуваа и сопствениците или, тоа, барем го сугерираат документите. По неколку месеци од основањето на Државната видео лотарија, фирмата партнер на владата „Аустиран Касинос Интернешнл“ го менува првиот сопственик. Уделите од 65 проценти Елсе Инвест АГ и ги продава на друга компанија од Лугано, Касинос Свис АГ преку интерна понуда за само 5,000 евра.

Ниту вториот офшор од Лугано не останува долго во играта. По неколку месеци Касинос Свис АГ ги продава уделите на друг офшор. Овојпат тоа е компанија од Обединетите Арапски Емирати, ОГС Менаџмент регистрирана во Дубаи. Директор на ОГС ОГС менаџмент има анонимен сопственик бидејќи бизнис центарот во Дубаи функционира по офшор правилата. И ним уделите од претходниот сопственик од Лугано им биле понудени за 5,000 евра. Секојпат кога уделите се продавале, тие им се нуделе и  на Австријците кои имале 35 проценти во друштвото, но Австријците ја одбивале понудата да се стекнат со останатите 65 проценти во компанијата која е партнер со владата во бизнис како лотаријата.

Во договорот помеѓу Австриското Касино и партнерот до Дубаи, специфично е наведено дека офшор инвеститорите се единствените кои вложувааат пари и опрема, додека Австријците само носат експертиза.  Во состојба кога дел од газдите во Државната видео лотарија се тајни, легитимно е да се постави прашањето чии се парите?!

Лица поврзани со моќници од бизнисот и политиката

Тајните сопственици остануваат енигма, иако НОВАТВ успеа да најде индиректни врски со познати лица од македонската политичка и бизнис сцена. Овие врски се рефлектираат во првата фирма косопственик во Аустриан Касинос Интернешнл ДОО, односно офшорот од Лугано, Елсе Инвест АГ. Нејзин директор е Стефано Мајер. Ако тргнеме од едно обично гугл пребарување, нема да најдеме ништо за овој човек, што е невообичаено во бизнис светот. Тоа е затоа што лицата како Мајер во офшор дестинациите служат како покритие за вистинските сопственици. Директорите само го позајмуваат своето име и потпис, а во реалноста немаат ништо со управувањето на компанијата. Стефано Мајер е директор во уште дваесетина компании регистрирани во Лугано, Швајцарија.

Сите овие компании имаат различни дејности, од финансиски консалтинг од текстил и градежништво. Вистинските газди се тајни бидејќи законите во оваа земја тоа го дозволуваат. НОВАТВ дојде до документите од Лугано, Швајцарција кои иако не откриваат кој е сопственик на Елсе Инвест АГ, сепак, открија доволно информации кои помогнаа да ја поврземе оваа компанија со лица кои беа поврзувани со други компании од земјава кои профитираа од владино спонзорирани зделки.  Според документите од регистерот во Лугано, Елсе Инвест АГ била поседувана од друга тајна швајцарска компанија наречена Стиле Билдинг АГ.

Со оглед на тоа што и овде сопствениците се тајни, конекциите ги направивме преку директорите кои дејствуваат во име на Стиле Билдинг АГ. Тоа се Емилио Бинда и Умберто Капрани, како и Стефано Мајер. НОВАТВ открива дека Елсе АГ е основана со нивни потпис како застапници на Стиле Билдинг АГ, но Бинда и Капрани на македонската јавност и се познати по други зделки кои ги поврзуваа со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и неговиот кумашин и бизнисмен, Јордан Камчев. Бинда и Капрани своевремено беа дел од директорскиот одбор на еден друг офшор од Лугано , Т&ЈM Инвестмент, компанијата која ја поседува контроверзната македонска градежна фирма Ексико. Емилио Бинда пред неколку години беше дел и од управниот одбор на денешна КАРА АД,  компанија која е дел од холдингот ОРКА на Јордан Камчев. А Емилио Бинда и Умберто Капрани беа директори и на компанија од Панама, Тасига Корп, која што кон крајот на 2013 година ја купи фирмата во Прага „Миртланис“ во сопственост на Мијалков.  

Надзорен одбор по мерка на партијата

Ако сопствениците на партнерите на владата се незнајни, познати се оние во надзорниот одбор на Државната видео лотарија кои таму се поставени на предлог на Владата на РМ. Нивната задача е да бидат „очи и уши“ на граѓаните на Македонија и да го штитат нивниот интерес грижејќи се регуларноста.  Подолу прочитајте кои се луѓето кои седат во надзорниот одбор на Државната видео лотарија.

  1. Владислав Стајковиќ беше дел од групата помилувани од претседателот Ѓорѓе Иванов. Тој е брат на Небојша Стајковиќ, член на управниот одбро на Телеком и вработен во МВР. Сопственик е на НВСП, фирмата осомничена за трансфер на провизиите во случајот од бомбите  „Изралеска опрема“ кога Сашо Миојалкови заедно со судијка од управниот суд договораше зделка за набавка на опрема за полицијата.  Стајковиќ е дел од истрагите на Специјалното јавно обвинителство. Тој беше прв директор на компанијата „Финзи“ од случајот „Трезор“, пред на негово место да дојде Коста Крпач, сведокот на СЈО којшто се самоуби.  Преку НВСП е и прв газда на фирмата за обезбедување СГС и на  провладините медиуми РАдио Слободна Македонија и Нетпрес, а поседува и регионални ТВ станици.

  2. Младиот Илија Тозија на јавноста не и е по ништо познат, но во приватниот живот е еден од пријателите на постариот син на Сашо Мијалков . Тој е во раководните позиции на владејачката партија ВМРО-ДПНЕ. На оваа позиција во Државната видео лотарија Тозија доаѓа на свои 25 години. Годинава му се посреќи со нова работа – стана директор на фирма во сопственост на синовите на Сашо Мијалков.

  3. Владимир Бахчовановски е третиот член на надзорниот одбор. Тој е поранешен директор на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор и е директор на Државната лотарија. Под негова одговорност беше објавувањето на повикот за јавно приватно партнерство со коешто се формира Државната видео лотарија.

Тендерот

Контроверзите околу Државната видео лотарија се рефлектираат и во тендерската постапка. Иако Владата информираше дека тие ја одбрале најдобрата понуда, според писмениот допис на директорот на Државаната лотарија, имало само еден понудувач, Аустриан Касинос Интернешнл.  Од преписките со нив откривме дека договорот за јавно приватно партнерство е потпишан на 12 декември 2013, а дека заедничката фирма, Државната видео лотарија е формирана на 23 јануари 2014 година. Според документите од Централниот регистер, Државната видео лотарија е формирана на 2 декември 2013.

Тендерот, пак, предвидуваше дека компанијата понудувач мора да оперира во минимум 10 држави, да има обрт од 1,5 милијарда евра во последните три години и тоа во секоја година поединечно, да има повеќе од 10 годин искуство и да има обрт од 600 милиони евра само во дејности од видео лотаријата по година. Ова се критериуми коишто тајната компанија од Лугано не би можела да ги исполни со оглед на тоа што е формирана неколку дена по тендерот. Овие критериуми ги задоволува единствено Австриското казино, но и тие заедно како една новоформирана компанија од Скопје и тоа формирана по објавата на тендерот, исто така не би ги исполниле критериумите. Од Лотаријата информираа дека тоа не е точно и дека тие ги бодувале перформансите на партнерите во фирмата.  Државната лотарија одби да одговори кои биле членовите во тендерската комисија.

„Во однос на прашањето за комисијата за спроведување на постапката за  доделување на Договор за заедничко вложување во трговско друштво за приредување на електронски игри на среќа и интернет игри на среќа, веќе укажавме дека по овластување на Управниот одбор, генералниот директор назначи петчлена комисија од редот на вработените на друштвото чии  лични податоци согласно деловната политика и политика за заштита на личните податоци на друштвото не можат јавно да бидат објавени“, ни беше речено во дописот од нив.

Тајна е и договорот помеѓу Државната лотарија и Аустриан Касинос Интернешнл ДОО. НОВАТВ разговараше со експертот за антикорупција и поранешен член на Антикорупциската комисија, Вања Михајлова. Таа ни рече дека не е можно Државната лотарија да одбива да ги обзнани податоците за тендерската комисија или, пак, податоците од договорот.  „Тоа не може да е така. Законот инсистира на максимум транспарентност“ , рече таа.

Тајната страна на македонските инвестиции

Во последните неколку години многу анонимни компании од Лугано, Белизе, Кипар, Британските девствени острови, Панама и други дестинации кои важат за даночни прибежишта почнаа да се јавуваат во сопственичките структури на многу македонски компании кои дебело профитираа од владино спонзорирани зделки. Со вакви компании се поврзуваше дури и името на премиерот Никола Груевски, но и други владини функционери и нивни бизнис миленици. Но овој случај е првиот во којшто анонимни лица од офшор дестинации се јавуваат како партнери на Владата и директно со нив основаат компании.  Непосредно пред појавата на „бомбите„ од опозицијата, Владата објави план за основање на офшор зона во Македонија. Тие дури и предложија измени на Уставот во Собранието за основање на слободни даночни зони. Тврдеа дека така ќе привлечеле нови инвестиции. Модел им беше даночната зона од Обединетите Арапски Емирати во Дубаи и онаа во Лондон, Велика Британија. Економските експерти стравуваа дека Македонија ќе стане дестинација за криминални пари, а Венецијанската комисија велеше дека владата планира да воведе „држава во држава“.    

Ова истражување е направено во заедничка продукциај со OCCRP ( Мрежата за известување за организиран криминал и корупција).

 

 

 

 

 

 



Comments are closed.