Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен в петок, 2 октомври, ќе престојува во Скопје, каде што ќе се сретне со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски, во период кога повторно се засилува дебатата за застојот во евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
Во пресрет на средбата, Мицкоски денеска повтори дека Владата е подготвена да разговара и да бара решение, истовремено остро реагирајќи на критиките од опозицијата дека токму политиката на актуелната власт го блокира продолжувањето на преговорите со Европската Унија.
По пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“, премиерот изјави:
„Ние сме го кажале ставот многу пати до сега по тоа прашање. Јас немам што да додадам на тоа што сум го кажал и не знам дали понекогаш вреди да се коментира ставот на опозицијата којашто секој ден е, би рекол сѐ порадикален и личи како да се дојдени од некоја Али експрес испорака на некоја друга опозициска партија. Така што тој дел од опозицијата, не би сакал да го коментирам. А нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни, ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и да на крајот од денот најдеме решение.“
Мицкоски во изминатиот период повеќепати ја повторува позицијата дека актуелната Влада не ги создала условите што сега го определуваат натамошниот тек на пристапниот процес, туку ги наследила од претходната власт.
Во интервју емитувано на 28 септември, тој рече дека во разговорите со европските партнери еден од главните аргументи што ги слуша е дека претходна македонска влада веќе ги прифатила обврските кои сега треба да се исполнат.
Според Мицкоски, токму тоа ја отежнува позицијата на неговата Влада, која, како што вели, се обидува да издејствува решение што ќе биде прифатливо и за земјата и за европските партнери.
Премиерот истовремено инсистира дека напредокот на Северна Македонија треба да се оценува и според реализираните реформи. Во изминатите настапи тој се повикуваше на исполнувањето на дел од обврските од Реформската агенда и на средствата што земјата ги добива преку европскиот План за раст, како аргумент дека Владата работи на европската агенда и покрај политичкиот застој во пристапниот процес.
Неговата позиција е дека, доколку земјата исполнува значителен дел од реформските задачи и покажува резултати во областите што ги следи Европската комисија, тие резултати треба соодветно да бидат земени предвид и во политичката оценка на напредокот.
Средбата со Фон дер Лајен затоа за Владата доаѓа во чувствителен момент. Мицкоски влегува во разговорите со веќе јавно артикулирана позиција: дека е подготвен за дијалог и решение, но дека актуелната влада не треба сама да ја носи политичката одговорност за обврските преземени во претходниот период.
Фон дер Лајен во Скопје ќе пристигне на крајот од турнејата низ Западен Балкан. Европската комисија соопшти дека разговорите во регионот ќе бидат посветени на следните чекори во процесот на пристапување, постепената интеграција во ЕУ и спроведувањето на Планот за раст.




