Од:

Гoлемите очекувања

Пишува: Беса Арифи, вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Гoлеми очекувања во врска со големиот лидер

Новата година за мене започна со големи очекувања. На трети јануари започна да се објави мегаинтервјуто со екс-премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, чии делови продолжија да се објават во наредните денови. Морам да кажам дека навистина имав големи очекувања во врска со ова мегаинтервју и трпеливо чекав од ден на ден, од дел на дел на интервјуто дека истите ќе се исполнат. Очекував, на пример, барем кратко прашање околу ставот на екс-премиерот околу некои од најважните прислушувани разговори кои протекоа во јавноста. Очекував да прочитам директно од него какви биле тие кинески провизии, како ги избрал плацевите на Водно, по кои принципи, како му текнало да ги промени и ДУП-от и ГУП-от кога тоа му било потребно, и како ја научил најголемата животна лекција, а тоа е да не се тупи повторно туку директно да се оди со динамит.

Очекував барем да се потруди да објасни нешто од ова (нормално, очекував и да биде прашан за истото, но ништо од тоа), а не целосно да ја одмолкне реалноста и да се занимава со суреални работи. Не знам зошто очекував такво нешто од човекот кој никогаш нема да си ги признае своите гревови и да се помири со казната која му следува, па нели неговите најблиски соработници потврдија дека се работи за човек кој изгубил допир со реалноста?!

И навистина, губењето на секаков допир со реалноста е јасно видливо во сите четири дела на мегаинтервјуто. На големиот лидер сé некој друг му е виновен, час лидерот на опозицијата, час невладините организации, час по некоја амбасада, час младите индоктринирани во некакви си опасни идеи. Сепак како најголем виновник од сите, тој секако го идентификува Сорос, кој се споменува упорно во сите делови на интервјуто. И на прашањето “Зошто македонската влада дозволила да е така со невладиниот сектор?” големиот лидер одговори дека како влада потфрлиле на тој план и најави важни мерки на десоросоизација на општеството, што во превод значи креирање на уште неколку ГДОМ-ови кои ќе ги рефлектираат ставовите на некоја влада предводена повторно од ДПМНЕ. Значи големиот лидер јавно признава дека не го контролира невладиниот сектор и најавува дека во иднина напорно ќе работи истиот целосно да го контролира, бидејќи единствено тој дел од општеството останал надвор од неговата контрола во реалност во која тој ги контролира сите државни институции! Јака поента, нема што! Тоа што не може да го направиш со контрола, може да го направиш со поголема контрола!

 

Понатаму, големиот лидер зборува и за суштината на национализмот како концепт и се осврнува на тоа дека тој бил погрешно проценет како шовинист а всушност тој не бил ништо друго освен добар патриот. Да, добар патриот за кој се водат повеќе истраги за злосторничко здружение, за прелив на државни пари во оф-шор компании, и за други слични сомнителни бизнис зделки заради кои државата и нејзините граѓани се донесени во просјачки стап и секојдневно се соочуваат со напор за гола егзистенција. Во кој дел од национализмот како љубов кон својата земја спаѓа ваквото постапување? Или пак и за кинеските провизии, плацевите во Водно и оф-шор сметките во Белизе сепак е виновен Сорос?

Најсимпатичен ми е кога почнува да се додворува кон Албанците и кога се труди да ги убеди дека тој сепак е “доброто момче” на кој тие може да сметаат и дека треба да се заборави целата кампања водена против нив, па тоа било само политичка реторика! Сакам да го прашам, зошто не говореше за време на кампањата за постигнувањата на Охридскиот рамковен договор, за употребата на јазикот и знамето, за универзитетите на Албански јазик и за големата поддршка што ја давал на албанските компании? Зошто за време на кампањата кога лидерот на опозицијата се осмелуваше да зборува за некоја од овие теми тој беше анатемиран како предавник и како човек кој сака да ја федерализира земјата? Или после избори правиме “Пу, пу! Не важи” и ја преобразуваме целата реторика, така ли, екс-премиере?

Кулминацијата на целото додворување со цел останување на власт и избегнување на правдата по секоја цена е оваа изјава на големиот лидер: “Гледано и историски, ВМРО-ДПМНЕ како организација никогаш не била насочена против Албанците, а не е ни денес, но е претпазлива од намерите на некои радикални структури од тука и од надвор.” Интересно е како екс-премиерот само делумно не потсетува на историските настани кога Албанците во Македонија биле тепани од СДСМ во 1990тите. На Албанците не им треба Груевски да ги потсети на тоа низ што поминале во деведесеттите, бидејќи тие знаат многу добро и не забораваат такви крвави настани. Меѓутоа, Албанците исто така не забораваат и кој како се однесуваше за време и после 2001 година како и кој и со која реторика ги доби изборите во 2006 година и како остана на власт до сега.

А кога сме веќе кај деведесеттите, би сакала да го потсетам Груевски дека во тие години ВМРО-ДПМНЕ била и те како насочена против Албанците и сé уште е, бидејќи лицата кои учествуваа во тогашните студентски протести, замислете, против отворањето на паралелки на албански јазик во Педагошката академија во Скопје и кои бесрамно скандираа “Гасни комори за шиптари” и “Сатари за шиптари” во овие избори беа носители на изборни списоци токму на ВМРО-ДПМНЕ. Албанците памтат, господине Груевски, и затоа ве казнија вас и вашите поддржувачи на овие избори со нивниот глас. Затоа, џабе додворувања!

Големи очекувања во врска со приоритетите на Албанците

Сепак, моите големи очекувања не завршија со мегаинтервјуто. Сигурно под импресија на новозапочнатата година помислив дека платформата на албанските партии за преговори за идната влада би требало на друг начин да ги воспостави приоритетите. Најпрвин, да кажам дека барањата кои беа објавени се реални концепции кои навистина им значат многу на Албанците во оваа земја. Единствен проблем е политичката воља за нивно имплементирање како и потребното двотретинско мнозинство за одредени законодавни измени, па затоа, би било добро јасно да се воспостават приоритетите како и временската рамка на нивното спроведување. И мислам дека е крајно време да почнеме да зборуваме и да дебатираме за овие табу теми кои никогаш не ги отвораме, ги ставаме под тепих и одиме понатаму, создавајќи притоа непотребна поделеност и недоверба меѓу себе. Тоа се важни и суштински работи за кои треба искрено и без било каков страв, како вистински цивилизирани граѓани да зборуваме и да се договориме. Граѓанското општество кое сакаме да го градиме заеднички не може да се гради врз нееднакви камен-темелници, бидејќи таквото граѓанство нема никогаш да биде стабилно. Тој ќе биде долг процес за кој треба сите заеднички да се бориме со истата упорност како што се боревме против оваа корумпирана власт.

 

Меѓутоа, морам да кажам дека очекував прва во списокот на барањата да биде барањето за правда и вистинско гонење на криминалот. Очекував градењето на слободно општество наспроти сегашната заробена држава, со вистински слободни државни институции да биде приоритет а не да не се спомне воопшто како барање. Многу треба да се внимава при поставување на приоритетите. Имено, колективните права на една етничка заедница, како и економските социјалните и културните права невозможно е да се остварат во општество каде тешко се прекршуваат суштинските граѓански и политички права. Човековите права им претходат на колективните, бидејќи секој од нас најпрво е човек а потоа е Албанец, Македонец, Турчин, Ром, Влах итн. Затоа мислам дека службената употреба на јазикот или дебатирањето за грбот знамето и химната како и еднаквата распределба на буџетот се невозможни да се постигнат ако општеството е неслободно и криминално контролирано од фамилијата на власт. Во такви услови сите тие побарани права можат максимално само да бидат напишани во некој договор кој никогаш нема да биде спроведен и секогаш ќе биде искривен и суптилно обиколен.

Во платформата зајакнувањето на владеењето на правото стои во третата секција и се идентификува како предуслов за напредок на евро-атлантскиот интегративен процес. Владеењето на правото не е потребно само за тој интегративен процес, туку е најпрвин потребно за да профункционира оваа општество и сите да бидат еднакво заштитени. Владеењето на правото треба да биде важен приоритет за сите, и за Албанците и за Македонците и за сите кои живеат во оваа држава. Во таа трета секција на Платформата општо се говори за меѓународните извештаи во врска со владеењето на правото, за работата на СЈО и за целосното расчистување на најпроблематичните случаи за Албанците: “Сопот”, “Бродец”, “Монструм”, и “Куманово”.

Притоа, се укажува општо на “Поддршка за непристрасно вршење на работата на Специјалниот обвинител, без етнички и политички предрасуди”. Каква ќе биде таа поддршка? Дали таа опфаќа изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, продолжување на мандатот за покренување на обвиненија на СЈО како и залагање на континуирано функционирање на оваа институција како независна и перманентна државна институција? На што се мисли со фразата “непристрасно вршење на работата без етнички и политички предрасуди”? Дали е тоа превенција за во иднина или пак е укажување на став за досегашната работа на СЈО? И кога веќе во претходните точки се бараа уставни промени за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собрание, зошто не се побара и основање на Специјално судско одделение за судење на случаите покренати од СЈО? Што се однесува на гореспоменатите проблематични судски случаи, се бара формирање на анкетна комисија или меѓународно независен орган. Зошто се занемарува улогата на СЈО во разрешувањето на истите?

Мислам дека барањето да завладее правото во Македонија треба да биде приоритет на ваква платформа бидејќи таа е најважната работа за секој граѓанин, а посебно за граѓаните Албанци во оваа земја. Затоа, не можам да разбирам како расчистувањето на споменатите правно проблематични случаи е помалку важно од службената употреба на мајчиниот јазик или пак признавањето на злосторствата сторени пред еден век. Треба да биде јасно дека без непристрасно функционирање на правото и без независно судство сосема е неважна службената употреба на мајчиниот јазик кога затворите се полни со лица кои служат долги казни изречени врз основа на сомнителни и недоволни докази. Исто така, владеењето на правото е важно и за гонењето на корупцијата на властодршците, па така, разбирливо е зашто политичарите Албанци сепак тоа го ставиле под реден број три наместо еден и тоа со некаква резерва кон работата на СЈО. Меѓутоа, потполната рамноправност меѓу граѓаните за која тие како политичари се залагаат не е возможна без правото да важи на еднаков начин за сите и без сторителите на кривични дела, кои и да се тие, да бидат казнети за истите.

Големи очекувања во врска со борбата за слобода и човекови права

И на крајот, да завршам со моите големи очекувања за оваа недела. Откако беше објавена Заедничката платформа на трите најголеми албански партии, забележав различни ставови кон истата, некои од нив разочарувачки и нихилистични кои укажуваат на тоа дека кризата во Македонија е резултат на криминалот а не на меѓуетнички проблеми, и дека барањата кои беа објавени во платформата не враќаат во минатото, не оддалечуваат од граѓанското општество кое сакаме да го градиме и го дефокусираат вниманието од криминалот кон други работи. Мислам дека треба да се внимава со таквите ставови. Ако нешто изгледа како враќање во минатото, тоа јасно покажува дека одредени проблеми од минатото не се докрај решени па избиваат на површина секој наред пат. Во изминатиов период, многу Албанци заедно со многу Македонците и многу други граѓани на оваа земја секој ден протестираа и се бореа за една поинаква Македонија. Искажувањето на нивните барања во насока на тоа во каква држава сакаат да живеат не е враќање во минатото ниту пак дефокусирање од заедничката кауза.

Погоре истакнав дека цврсто стојам на ставот дека владеењето на правото мора да биде приоритет и да се идентификува како таков и во оваа платформа. Практиката на неказнување и на недопирливост на сторителите на кривични дела мора да запре за да можеме да отвориме нова страна на нашата историја. Сепак, тоа што го очекувам од соборниците со кои веќе подолго време заеднички, секој на свој начин се бориме за една подобра иднина е да не ги квалификуваат барањата што се важни за Албанците како враќање во минатото или како било каква опасност. Што ви изгледа толку опасно? Дебатата за симболите на државата? Па тие симболи треба да ја рефлектираат мултиетничката карактеристика на земјата со цел сите кои живеат во неа да се чувствуваат вистинско застапени во истата а не да се третираат како туѓинци, или кираџии во туѓа куќа. Што е толку опасно и неостварливо, буџетската еднаквост или пак конечното помирување меѓу заедниците кое започнува со признавање на сопствените грешки? Што е толку опасно, учењето на јазикот на човекот со кој ја делите истата реалност со векови?

Не драги мои, опасноста е друга. Опасноста е во едностраното затварање на овие прашања без вистински разговор во кој сите ќе се вклучат, опасноста е во поставувањето на препреки кога истите ги нема и не смее да ги има, опасноста е во разделувањето откако обединувањето еднаш се случило, опасноста е во стравот од кој може да се пожртвува целата идеја за правда и правичност. Опасноста е во прифаќање на стратегијата на сеење страв, беспрекорно перфексионирано од Груевски, која сега се заканува повторно да надвладее над сите и да не обедини во нашите етнички хомогени групи а да не раздели меѓу себе откако веќе еднаш бевме обединети. Бидејќи во едно вистинско граѓанско општество не смее да се случи сите да се еднакви но сепак некои да се поеднакви од другите. Кон вистинската еднаквост пред законот должни сме сите да се стремиме, како што сме должни секогаш и во секое време сите да се бориме против дискриминацијата, нееднаквоста и неправдата без разлика на кого таа му се случува.

На крај, сакам да цитирам една многу убава и значајна изрека на еден американски претседател. Не, нема да го цитирам Трамп, тоа доследно го прави Груевски во своето мегаинтервју, дури покажува воодушевеност и восхитување спрема неговите идеи на владеење кои многу луѓе во светот ги гледаат како проблематични. Јас ќе ве потсетам на зборовите на Бејџамин Франклин, кој рекол: “Правдата нема да се достигне сé додека тие кои не се директно засегнати со проблемот кој треба правично да се реши се исто толку бесни како и тие кои се засегнати од истиот и бараат решение”. Секоја неправда, историска или сегашна, е основа за борба за правда. Секој облик на дискриминација е основ за заедничка борба и заедничко залагање со цел истата да престане. Инаку било каква воспоставена правда ќе биде само делумно а не целосно правична.

 



Comments are closed.