Од:

Каде лежат проблемите кои создадоа хаос во е-наплатата на ЈСП

Градот нема доволно пунктови за полнење на електронските картички со нови средства. Одговорни за поставување локации на кои граѓаните ќе може да купат или надополнат автобуски билети се „Телеком“ и мистериозната компанија „Гентомар“, кои добија тендери од ЈСП за новиот е-систем.

Ако планирате да одите со автобус од последна 57-ца во Нерези и немате доволно средства на вашата електронска картичка, ќе мора или да тргнете пешки, да купите нова картичка од 150 денари за две возења или пак да се возите бесплатно. Ова место, како и многу други во главниот град, нема пункт во кој ќе може да се надополни електронската картичка со нови средства за автобуски билети.

Се јавивме на телефонот за продажба во ЈСП каде ги прашавме дали може да ставиме кредит на нашата електронска картичка на три локации – последна 57ца во Нерези, кај Млечен ресторан, или во близина на Министерството за економија. Службеничката од ЈСП ни одговори дека на ниедна од овие локации не може да купиме билети и не упати на други места низ градот каде ЈСП има свои наплатни места.

Но токму овие три места се наведени во тендерот за електронска наплата на билетите кој ЈСП го има доделено на фирмата „Гентомар“, меѓу 33-те места на кои тие треба да обезбедат продажба и надополнување на електронските билети.

Сите локации, според огласот распишан за договорот достапен на Електронскиот систем за јавни набавки, треба да бидат во функција најдоцна 30 дена од потпишување на договорот, кој е склучен на 30.12.2015. Носителот на набавката има обврска да инсталира свои исти или еквивалентни уреди за надополнување компатибилни со платформата во ЈСП.

Фирмата ја нема во именик, а треба да има центар со 10 оператори

НОВА во претходна сторија пишуваше за фирмата која го добила тендерот од ЈСП за да стане мастер дилер за продажба и надополнување на е-картичките за градскиот превоз. „Гентомар“ е тешко е да се пронајде на Интернет, како и на адресите кои за неа се достапни во Централниот регистар и Електронскиот систем за јавни набавки. Ја баравме на повеќе адреси кои ги посетивме, но не можевме да ја пронајдеме. Ја нема ниту во телефонскиот именик, каде не може да се најде телефонски број за контакт.

Сепак според огласот за договорот кој го добила таа треба да има сериозни капацитети за да го реализира истиот. Требала да покаже сертификати од најмалку пет сертифицирани сервисери за сервисирање и одржување на опремата, доказ дека располага со сопствен повикувачки центар во кој има вработено најмалку 10 оператори и други технички услови.

По објавата на нашата прва сторија за проблемите во градскиот превоз, портпаролот на ЈСП не одговара на нашите повици, за да ги упатиме нашите прашања за тоа дали сите овие услови се исполнети од страна на „Гентомар“, а не можеме да ја добиеме ниту компанијата.

Но претходно, добивме интересна информација од ЈСП за тоа кој друг учествувал на тендерот за избор на мастер дилер на електронски картички.

Освен „Гентомар“ на тендерот се јавил уште само еден здружен понудувач составен од компаниите„Виста груп“ и романската „Кернел“.

„Виста груп“, дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски неодамна ја обвини дека од власта, поточно од екс министерот, Иво Ивановски добила скоро милион евра за проектот „Интероперабилност“ и не го испочитувала договорот склучен со министерството. Подоцна, истото беше демантирано од компанијата.

Сопственичка на IT компанијата „Виста груп“ е извесна Ана Анчевска, а дел од нејзиното име е исто со компанијата „Виста процесинг“, која го доби бизнисот за Националната платежна картичка во вредност од три милиони евра, за само една година подоцна да отиде во стечај.

НПК стана еден од најголемите скандали во времето кога министер за финансии беше Никола Груевски. Случајот никогаш не доби завршница и до денеска не е познато каде завршија парите дадени за оваа електронска картичка.

НОВА пишуваше дека според податоците од Централниот регистар, сопственик на компанијата „Гентомар“ е Боби Кузмановски, кој пак претходно бил вработен во компанијата  „Бизнис инвестмент груп“ – компанија во сопственост на Стефан Пулејковски и Благој Јовчевски.

Пулејковски преку „Виста процесинг“ заедно со Дарко Дулиќ (син на експратеничката Благородна Дулиќ) во 2002 година го доби милионскиот бизнис на НПК, каде шеф бил тогаш министерот за финансии, Никола Груевски. Директор на НПК, пак, беше Владимир Мијалков, братучедот на Груевски кој денеска е советник на директорот во Царината.

Телеком добил три милиони евра за е-системот

Освен „Гентомар“ како мастер дилер, Т Мобиле Македонија добиле три милиони евра за да го набават и имплементираат електронскиот систем за наплата во возилата на ЈСП. Телеком во 600 автобуси на ЈСП и на приватните превозници ја поставиле опремата за локација на возилата и наплата на билети. Тие за НОВА велат дека испорачале 400 илјади е-картички за превоз и дека поставиле 61 локација со уреди за надополнување на електронски билети.

„Во секој автобус има инсталирано централен компјутерски уред, уред за сателитско следење – ГПС, валидатор за потврдување на билет, РФИД читач, паник копче и фискален принтер  кои што се меѓусебно поврзани. Како дел од овој договор испорачан е централен систем, поставен како платформа односно сервис на дата центарот на Македонски Телеком, 50 информативни дисплеи, 400 000 електронски картички, ИТ опрема за диспечерскиот центар на ЈСП којшто се користи за оперативно планирање на возниот систем. Поставени се 3 тикет машини кои се поврзани, 50 уреди за валидирање и 61 локација со уреди за надополнување на електронски билети, 8 инфо центри со принтери на електронски картички и нивна персонализација, интернет сообраќај за сите уреди во секое возило и нивно непрекинато функционирање во целиот систем 24/7“, велат од Телеком за НОВА.

Кои се измените и проблемите?

Промотивниот период за кој е-картичките можеа да се купат за 150 денари со пет возења заврши. Сега една е-картичка ќе ги чини граѓаните 150 денари со две возења. Оние пак кои имаат картички ќе може да ги надополнат на пунктовите на ЈСП, кои очигледно според жалбите на граѓаните не се ни оддалеку во доволен број во главниот град, што е еден од главните проблеми во моментот. Друг проблем според граѓаните е што билетот за десет возења кој чини 250 денари (25 денари возење), има рок на траење од 15 дена сметани од првото поништување. Граѓаните се револтирани зошто овој билет има толку краток рок за кои мора да ги потрошат билетите, по што доколку не ги потрошат ќе ги изгубат парите. Од ЈСП пак велат дека продуктот за 10 возење е различен од продуктот електронски паричник, со кој средствата кои ќе ги ставите на е-картичката, немаат рок на траење и со нив билет чини 35 денари. Хартиениот билет со 10 возења, според нив исто така имал рок на траење. Дел од граѓаните се жалат и заради тоа што во автобусите може да платат преку телефон само со мобилниот оператор Телеком, но не и преку ОнеВип. Исто така нема ниту опција за онлајн плаќање.

„ Џабе сте ја ажурирале продажнава мрежа, кога билетарите не ви се снабдени. Утрово во билетарата во Аеродром немаше картички за 5 возења. Исто така, ниту во автобусот бр.5 не можеше да се купи картичка, оти немале залиха. Дополнително, вашите вработени на прашањето од каде сега да купам и како да стигнам до работа, ми одговорија да си се снајдам сама, кога немало на едно место картички, немало нигде! Безобразни, срам да ви е! Барем имајте образ, извинете им се на граѓаните и советувајте ги што да прават во ваков случај!“, гласи еден од стотиците коментари на Фејсбук страницата на ЈСП од страна на револтираните граѓани.



Comments are closed.