Од:

Mетар во „Боемската“ чини 2629 евра, Жерновски го правда со квалитет

Дури 710.000 евра ќе ја чини општина Центар втората „Боемска улица“ која се наоѓа кај познатата кафеана „Идадија“ која е долга околу 270 метри. Високата цена за малата улица, градоначалникот Андреј Жерновски ја правда со квалитетот, кој според него е неспорен и видлив од првата „Боемска улица“.

Еден метар на новата Боемска улица која утре ќе има свечено отворање во организација на Општина Центар ќе чини 2629 евра. Според јавната набавка, објавена на Бирото за јавни набавки, вредноста на тендерот распишан за „Боемска 2“ е 43.632.737 денари или околу 710 илјади евра.

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски вели дека цената е висока заради квалитетот со кој ќе биде изградена улицата и таа ќе трае за „век и веков“.

„Најдобар доказ за каков квалитет се работи е првата боемска улица, каде ниту еден камен, ниту една плочка не е поместена, има канализација, која е на највисоко ниво, материјалот кој е вграден во првата боемска улица е на највисоко ниво за тоа гарантирам. Реков и на почетокот меѓу првите прес конференции, се додека сум овде нема да има фалш проекти во Општина Центар“, рече Жерновски на денешната прес конференција.

На прашањето на НОВА дали овие боемски улички се приоритет за граѓаните во Центар и дали тие за Општина Центар се она што за Град Скопје е „Панорамското тркало“, тој одговори дека тркалото за него е апсолутно непотребно и за тоа треба да биде прашан градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

„Ова е проект кој го ветивме, проект кој сум убеден дека ќе остави трага, дека ќе биде поддржан и пак за квалитетот нема компромис, цената се формира на јавните набавки, не ја одредува Општина Центар“, рече Жерновски.

Според јавната набавка која ја склучила општина Центар проценетата вредност на договорот била 39.661.017  денари, или четири милиони денари помалку од она што тие го платиле.

Распишаниот тендер го добила фирмата „КРИН КГ – ДОО “ од Прилеп и е наменет за „партерно уредување, реконструкција на коловоз и изведба на атмосферска канализација на ул. „Радњанска“ од ул. Костурски херои до ул. Орце Николов, Општина Центар – Скопје“.  Според податоците од Централниот регистар, сопственици на оваа фирма се Лидија Китаноска, Ѓорѓи Китаноски, Христо Китаноски и Александра Јовановска од Прилеп.

Улицата која е долга 270 метри и се наоѓа во Дебар Маало, според најавите на општина Центар ќе биде свечено отворена со весела атмосфера и настапи на тамбураши.

„Под широките сенки на дрворедот од костени, ќе се одмораме на нови клупи, украсени во стил кој одговара на природата на улицата: поплочена со коцки од природен гранит, нивелирана и осветлена со нови канделабри, без паркирани автомобили, зашто боемскиот дух налага други правила на однесување и уживање“, се вели во најавата за настанот на Фејсбук.



Comments are closed.