Родилка Дебора Џамбази која почина при породување била задушена поради неправилно поставен тубус кој наместо кон белите дробови бил поставен кон хранопроводот. Така воздухот наместо во белите дробови бил насочуван во цревата , а при направената обдукција се увидело дека цревата се полни со воздух, неофицијално дознава НОВА од извори во истрагата.
Овие информации од поодамна кружат во лекарски кругови инволвирани во процесот на медицинската истрага, но официјално никој не ја потврдува информацијата се додека министерот за здравство Венко Филипче не излезе со конретни иформации. Како што дознава НОВА случајот е комплетиран уште пред една недела, а Извештајот е предаден на министерот. Не е познато од кои причини толку време се чека за тој да излезе јавно и да го презентерира.
Родилката, Дебора Џамбази познат стоматолог од Кичево почина при породување со царски рез во приватната болница Моја болница (Санте Плус). Од таму демантираат дека починала кај нив, бидејќи како што велат имала пулс 20 кога со возило на Итната медицинска помош била транспортирана до КАРИЛ. Во КАРИЛ се децидни дека родилката била донесена почината, а и доколку имала такви отчукувања на срцето, не смеела да биде се транспортирана.
Засега само анестезиолог кој го вршел породувањето заедно со двајца гинеколози од болницата е суспедниран од работа бидејќи таму бил илегално, односно немал договор со болницата. Многу мистерии има околу тоа кој всушност ја породувал, со кого комуницирал анестезиологот на КАРИЛ пред да ја однесат таму родилката бидејќи трите лекарки кои ја примиле не биле известени за тоа. Зошто родилката била внесена од задниот влез, а не преку Ургентниот центар како што влегуваат сите интни случаи, кое е лицето со кое бил договаран приемот, а кој мистериозно потоа исчезнал.
Одговор на сите овие прашања треба да даде министерот Филипче. Кога и како ќе се случи тоа нема најава од Министерството за здравство.