Охрид е на водечкото место во Македонија по бројот на иселување на луѓето во последните години. Тој број е поголем од 1000 луѓе на годишно ниво што според добрите познавачи на приликите во градот е податок кој е повеќе од алармантен. Според податоците на Државниот завод за статистика објавени во Публикацијата за миграција од 2013 година, од Охрид во споредба со другите поголеми градови во Македонија се иселуваат најмногу граѓани. Во 2012 година си заминале вкупно 1296 луѓе , од кои 983 во странство. Во споредба со Охрид од Куманово се отселиле само 310 луѓе, од Битола 398, Велес 260, а од соседна Струга тој број е 437. Од градот во 2011 се отселиле 1060 луѓе, додека во 2009 и 2010 година вкупно 1478 граѓани. Но охриѓани велат дека тој број е далеку поголем од официјалните бројки на институциите и е резултат на погрешните политики кои се водат години наназад.
Ако го посетите Охрид во текот на зимскиот период ќе ве дочека речиси мртов град. Тоа е особено впечатливо во вечерните часови. Охриѓани на шега ќе речат дека нашиот најголем туристички центар е претворен во град на духови и пензионери. Последните неколку години градот живее само во за време на летото и уште неколку денови околу божиќните и новогодишните празници, како и велигденските празници. Во моментов во градот не работи ниту еден од поголемите индустриски капацитети кои порани важеа за гиганти во индустријата. Вработувањата во градот се сведуваат само на она што се нуди во државната и јавна админситрација и локалната самоуправа, како и неколку помали компании. Во 1984, на пример, индустријата во Охрид била носечка гранка пред занаетчиството и туризмот и во неа работеле 21.000 луѓе.
И Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески признава дека невработеноста во Охрид е најголема во Македониа, но е оптимист дека градот го очекуваат подобри времиња.
Општината нема точни информации колку граѓани досега го напуштиле Охрид, иако градоначалникот вели дека ги слуша информациите дека младите охриѓани најмногу мигрираат надвор поради економски причини.
„Претпоставувам дека млади луѓе се иселуваат од Охрид, но колкава е таа бројка тоа ќе го кажам кога ќе добијам податоци од релевантни извори. Невработеноста во Охрид е највисока во Македонија и е за 11% поголема од просекот во Македонија.Ако се земе дека средниот просек во Македонија е околу 29% тогаш невработеноста во Охрид достигнува до 40%.За 22 % е помал БДП по глава на жител од просекот во државата“,вели Бакрачески за НОВА.
НОВА разговараше со повеќе млади охриѓани кои ги споделуваа нивните ставови за перспективите на младите во градот кој важи за македонски туристички центар.
Иван Велјаноски е невработен дипломиран менаџер по туризам. Тој бара работа подолго време и вели дека не може да се реализира во родниот град – ниту професионално ниту приватно.
„Перспективите за отселување надвор од градов и од земјава ми стануваат се пореални, вели Велјаноски. Иако сака семејство, сега смета дека неговите желби се многу далеку зрели за остварување.
„Неподносливоста на големите финансиски трошоци и катастрофалната економска состојба те замислува… и тогаш сфаќаш дека моралните вредности кои тебе ти ги засадиле твоите родители, можеш да ги пренесеш на своите деца било каде на зејмината топка, но кога станува збор за нивната подобра иднина од материјален аспект, сфаќаш дека тоа овде го нема, а можеби никогаш нема ни да го има“, вели овој млад човек.
Анита Николоска речиси шеста година по нејзиното дипломирање како правник чека на своето прво вработување. Веќе се чувствува деморализирана и сега е отворена и за било каква опција надвор од земјата.
„Како и најголемиот број млади луѓе во градов, и моите планови се поврзани со заминување од општинава и земјава. Охрид наместо да напредува, за жал, станува град на стари луѓе, град на изместени вредности“, вели Николовска.
„Охрид и Македонија дефинитивно не се место каде што јас сакам да го создадам моето семејство. Моите деца ќе растат во некоја многу посовремена средина, каде што знаењето многу повеќе се валоризира“, вели таа.
И Весна Цветаноска која е магистриран политиколог смета дека Охрид и Македонија не се место каде што таа може да се реализира. Планира докторат во САД, а веројатно и своето семејство ќе го формира таму.
„Жалосно е што државата не знае да води сметка за кадрите кои навистина вложиле многу во својот професионален развој. Охрид е идеална средина за формирање на семејство, но финансискиот фактор го кажува сосема спротивото. Јас не заминувам затоа што сакам, јас сум принудена да заминам надвор од границите од Македонија, вели Цветаноска.
И покрај тоа што борбата за егзистенција, наоѓање работа и формирање семејство се се уште далечни за нив, слични размислувања имаат и младите средношколци од Охрид.
Иво Ристески и Сара Ѓоргоска се ученици во Средното училиште Свети Климент Охридски во Охрид. Пред нив е иднината, но велат дека Охрид за сега не им нуди перспектива.
„Би сакал кога би завршил со своето образование да останам во овој град и да отворам свој бизнис. Сакам да го развиеме Охрид, а не младите да бегаат од овде. Разговараме со моите врсници, но не сме задоволни особено ние младите бидејки има многу малку места каде можеме да излегуваме. Има надеж доколку се реализраат најавите за инвестиции за да се вработат луѓето. Сум бил во Швајцарија каде стекнав големо искуство и направив споредба со нашата држава, но тоа е една голема разлика, вели Ристески.
„Сите прво бегаат надвор од Охрид, а потоа и во странство.Во Охрид немаме доволно избор на факултети иако има многу услови за развој. Во Охрид не би останала и не ја гледам својата иднина.Јас би сакала да се школувам или во Скопје или надвор од државата. Во Охрид тешко и да се најде работа и како продавачка, а камоли со факултет, вели Ѓоргоска.
Охриѓани велат дека ако не е езерото, Охрид ќе биде град како секое друго помало градче во Македонија, како Кичево, Македонска Каменица или можеби како Пехчево.
Поради тешката финансиска состојба во која се наоѓа Охрид и масовното иселување на младите од градот, Дејан Пановски советник во Советот на Општина Охрид од ВМРО ДПМНЕ бара од локалните власти да иницираат одржување специјален Самит за Охрид. Според него неопходна е изработка и на стратегија за иднината на градот.
„Фактите дека години наназад Охрид има големи наследени долгови, блокади, тешка реализација на Буџетот, извештаите дека е во долг пред УЈП, дека е Општина со најголемо иселување и дека туризмот не носи очекуван економски бенефит покажуваат дека на Охрид итно му е потребна нова, поинаква стратешка рамка за иднината. Во таа насока како член на Советот имам предлог до највисоките органи на Општината да преземат иницијатива и лидерство, за одржување на еден вид специјален состанок или самит за Охрид за изработка на Стратегија за иднината“, вели Пановски.
Тој вели дека во целиот тој процес би се инволвирале значајни научни кадри од земјава и странство во најбитните области кои го засегаат Охрид.
„Ќе се користат искуства од збратимените градови ,ќе се повика експертиза од меѓународните пријатели , донатори и секако со учество на локалното население и интересенти. Едноставно мора да се утврди Стратегија каде го носиме Охрид во иднината и во економски и во социјален и во и во урбанистички и во демографска смисла,за да не го губиме Охрид пред очите“, додава Пановски.
Според резултатите од Пописот на населението од 2002 година, бројот на вкупното население во Охрид изнесува 55.749 жители, од кои 85% се изјасниле како Mакедонци, а останатиот дел го сочинуваат Aлбанци, Tурци, Срби, Власи, Роми и други.
Охриѓани очекуваат и се надеваат на подобри времиња иако велат дека за сега не се големи оптимисти во тоа.На Охрид му се потребни велат тие стопански капацитети како некогашните Отекс, Емо, Застава, Лихнида, во кои цел град се вработуваше.