Семејство на малата Jана Грковски кои собираат средства за лекување во Германија криеле дека Фондот за здравство им одобрил пари за лекување, а мајката не дозволувала информацијата да излезе во јавноста, да биде објавена на социјалните мрежи каде се собираат донации, се организираат хуманитарни акции и луѓето се стимулираат да помогнат.
Ова за НОВА го потврди Биљана Милошевиќ која помагала во собирање на средства, организирала хуманитарен базар, иницирала дури и акција во САД каде сега парите ќе бидат пренасочени на друго дете.
Семејството се уште ги немаат откажано броевите за донации од двата мобилни оператори, ВИП и ОНЕ, а бројот од Т-Мобиле го откажале пред два дена, на 6 април кога НОВА се заинтересира за случајот. Ова за НОВА го потврдија од операторот, а и мајката Марија.
Петгодишната Јана боледува од церебрална парализа и за неа беа отворени броеви за донации на трите мобилни оператори, беа организирани хуманатирни акции, а донираа и неколку компании. Девојчето во моментот е на рехабилитација во Германија, за што од Фондот потврдија дека одобриле 29.370 евра.
Скандалот излезе на виделина кога некои од организаторите, девојките кои помагаат во хуманитарната акција им станало јасно дека се изманипулирани, по што Биљана Милошевиќ пред два дена на социјалната мрежа Фејсбук објави дека Фондот одобрил средства и дека не е потребно граѓаните повеќе да донират средства.
„За тоа дека биле одобрени средства за лекување дознав ден по завршување на хуманитарната акцијата на Скопски саем. Мајката цело време ме притискаше да не објавувам дека добиле пари за лекување од Фондот“, изјави Милошевиќ .
Таа за НОВА ја раскажа целата приказна од моментот кога била вклучена во хуманитарната акција па се до сега. Рече дека со ова сака да се огради од било каква злоупотреба на парите на граѓаните, но и да им порача да не се обесхрабруваат и да донираат средства за другите деца бидејќи ова е изолиран случај, еден од ретките.
Но, во целиот случај очигледно не се во прашање само донациите, туку и начинот на кој се добиени средствата од Фондот. Во Вибер комуникацијата меѓу Биљана Милошевиќ и Марија, мајката на Јана, мајката признала дека од Фондот и било советувано да не кажува јавно дека добиле одобрение за лекување во странство.
Всушност, од целата комуникација се дознава дека Јана не е пратена на лекување туку на рехабилитација и дека е прв случај што се праќа за таква работа во странство, што Фондот, како што рече не смеел тоа да го направи.
„Директорот на Фондот, министерот Тодоров и доктор Софијанова нагласија, работата да се држи во тајност бидејќи ќе се побунат другите мајки со деца кои имаат вакви здравствени проблеми“, се вели меѓудругото во таа комуникација.
За разлика од мајката која беше вознемирена, што ете некој од медиумите дознал за ова, таткото Славчо се обиде да ја смири ситуацијата и нагласи дека сите пари кои се собрани преку донации, за кои рече дека се околу 15 000 евра, доколку е потребно ќе ги донира на друго дете.
Сепак, ја укори Биљана дека „проблемите“ настанале откога таа се вклучила во случајот.
“Сите проблеми настанаа откога ти се вклучи во хуманитарната акција. Марија тебе некои работи ти ги кажа во доверба“, рече Славчо во телефонскиот разговор кој се одвиваше меѓу нив двајца.
Инаку само на хуманитарниот базар кој го организирала Биљана Милошевиќ, биле собрани околу 5000 евра.
Претходно, во телефонскиот разговор со НОВА, мајката беше негативно расположена, разговараше со висок тон и целиот тек на разговорот беше во насока на тоа, со кое право ние се интересираме за случајот.
Авторот на овој текст и објасни дека ова е работа која е од интерес на јавноста и граѓаните треба транспарентно и етапно да бидат известувани колку пари се собрани, за што ќе бидат употребени, како и тоа дека треба задолжително да објават дали добиле средства за лекување од Фондот.
Од Фондот за здравство за НОВА потврдија дека тие го одобриле барањето за лекување во странство согласно законските процедури, а решението било подигнало на 25 март. Тоа е всушност датумот кога семејството заедно со нивната ќерка заминале на рехабилитација во Германија.
„Во врска со Вашите прашањa, повторно Ви укажуваме дека Фондот го одобри барањето за лекувањето во странство на осигуреното лице Ј.Г. согласно законските процедури и упатено е на болничко лекување во Германија. Решението осигуреникот го има подигнато на 25.03.2016 година. Други детали како здравствена состојба или име и презиме заради заштита на лични податоци Фондот не објавува. Воедно Фондот на никој осигуреник не му сугерира дали јавно да објавува или не. Согласно законските процедури, на осигуреникот му се дава правна поука на секое решение кое е излезено од страна на Фондот, за доколку сака, осигуреникот да може да постапува понатаму“, се вели во одговорот од Фондот.
НОВА продолжува да го следи случајот и да ја анализира состојбата со донациите во државата кои се од голема помош во лекувањето на многу болни деца, помагаат или пак, се единствена можност тие да отпатуваат на лекување во странство доколку Фондот не одобри средства.