Колона на демонстранти, учесници на „Шарената револуција“ штотуку го започнаа маршот низ скопските улици со фокус на социјалната неправда, јавува репортеката на НОВА.
Носечкиот транспарент на протестот денеска гласи „Младите си отидоа, партијата се вработи“. Демонстрантите се движат кон Агенцијата за вработување, а потоа ќе се упатат кон Министерството за економија, каде ќе заврши денешниот протест.
Пред да започне протестот, демонстрантите меѓу себе си поделија лажни банкноти со ликот на колумнистката Мирка Велиновска, која во повеќе наврати учесниците на „Шарената револуција“ ги нарекуваше странски платеници.
Протестот е масовен и мирен.
Денеска од #Протестирам најавија дека протестот ќе биде посветен на социјалната неправда и лошите политики за вработување.
„Транзицијата ја осиромаши Македонија, а оваа власт ја дозакопа! Режимот веќе предолго ги држи нашите сограѓанки и сограѓани како сопствени заложници за сопствените потреби: да гласаат, да прават списоци, да одат на контра-протести, да чистат споменици и мора тоа да го прават за да не ја изгубат и така недоволната плата. Но, ние веќе не се плашиме. Се исправаме против овај режим кој ја создаде најдлабоката нееднаквост во регионот, протестираме и се спротивставуваме за да не дозволиме уште еднаш да се повтори вакво владеење.
Протестирам против „продавањето“ на нашите работнички како робје во текстилната и кожната индустрија со најниска минамална плата. #Протестирам против лошите политики за вработување кои избркаа 600.000 граѓани, а најмногу младите, од оваа земја. #Протестирам против вештачкото намалување на невработеноста со бришење на граѓаните од листите на Агенција за вработување“, се вели во најавата за протестот.





