По оставките на членовите на Државната изборна комисија, Игор Милев и Виолета Дума, како и претседателот Александар Чичаковски, и Субхи Јакупи поднел оставка, потврди тој за НОВА. Како што вели, оставката е од морални причини. Информираше дека парите ќе ги врати во буџетот, затоа што се на граѓаните, а не на некоја хуманитарна организација. Според него тие од Буџетот можат да бидат распеделени онаму каде што се потребни.
-Американскиот амбасадор Бејли излезе со изјава дека целата постапка на гласање за надоместици била нетранспарентна. Точно дека беше зад затворени врати, во доцните вечерни часови, но тоа беше без моја вина. Јас не знаев дека оваа седница не е објавена на веб страницата на ДИК. Но, коректно е, од етички аспект да дадам оставка, затоа што не можеме да негираме дека сме постапиле нетранспарентно, изјави Јакупи за НОВА.
Тој дополни дека овој чин треба да биде поттик за младите генерации и институциите во ова општество да знаат дека мора да има повлекување од функција кога има нетранспарентност.
Јакупи е член на ДИК од 2006 година, откако ова тело беше професионализирано.




