новинар: ЗОРАН ДИМОВСКИ
Фекалии од одводната градска канализација постојано ја поплавува земјоделската обработлива површина во долниот дел на Тетово, во близина на железничката пруга. Од шахтите се излева нечистотија помешана со фекална вода, која ги поплавува нивите. Се работи за површина од околу 80 хектари. “Со овој проблем се соочуваме изминативе 10 – тина години. Најверојатно овој систем не може да ги апсорбира фекалиите од градот или пак одводната канализација во овој дел на Тетово е нестручно изведена”, велат дел од сопствениците на земјоделските површини. Тие тврдат дека неколку пати од Јавнот Комунално Претпријатие Тетово побарале да им се реши проблемот, но од таму не добиле никаков одговор.
Од ЈКП Тетово, велат дека дел од земјоделците намерно го запушуваат одводниот систем, за да можат со фекалната вода кога ќе избие од шахтите да ги наводнуваат нивите. Во овој дел на тетовско не постои никаков систем за наводнувaње, па најверојатно поради тоа сопствениците на нивите се одлучуваат на ваков чекор. При секое излевање на фекалиите наши екипи интервенираат на лице место, но залудно, за неколку дена проблемот пак се повторува, велат од ЈКП Тетово.
Каналот Радиовце – Бистрица, наместо за наводнување служи за отпад и фекалии
Каналот за наводнување Радиовце – Бистрица, повеќе од 10 години во долнополошкиот регион, се користи за диви приклучоци на отпадни води, кои потоа се испуштаат низ каналот. Низ него ретко протекува чиста вода, која некогаш мештаните ја користеа за наводнување. Земјоделците од село Ратае оддалечено околу 10 километри од Тетово, поради ваквата состојба немаат со што да ја наводнуваат земјоделската површина. “Се молиме да заврне дожд за да не ни се уништи засеаното, некои пак за наводнување се одлучуваат да ја користат фекалната вода која поминува низ каналот Радиовце –Бистрица”, велат мештаните кои во последно време поради ваквиот проблем, се откажуваат од земјоделската дејност.
Од јавното претпријатие “Полог” кое стопанисува со каналот, велат дека не се виновни за ваквата состојба.Инспекциските служби треба да бидат постојано на терен и да ги казнуваат лицата кои незаконски го загадуваат каналот испуштајќи во него отпадни води.
Водата од река Вардар која се користи за наводнување е енормно загадена
Реката Вардар која преставува најголем капацитет за наводнување во Долни Полог, енормно и неконтролирано се загадува на излезот од Тетово. Само за споредба, на влезот во градот податоците на Центарот за Јавно здравје Тетово говорат дека реката припаѓа во 2 класа а на излезот од висока 5 класа. Ваквата загаденост е резултат на непостоењето на колекторски ситем за отпадните води од градската канализациона мрежа, чии фекалии директно се влеваат во Вардар, но и недоволната контрола на индустриските капацитети во тетовско, кои слободно индустриската вода ја испуштаат во реката Вардар, тврдат од центарот. И покрај ваквата состојба од министерството за животна средина изјавија дека континуирано се контролира работата на индустриските капацитети долж течението на Вардар и како што велат во тек е подготовка на техничка документација за изградба на пречистителна станица во Тетово за реката Вардар. Градбата се планира да започне во 2018 година, но дотогаш земјоделците ќе мораат да ги наводнуваат нивите со загадена вода.
Постоечките системи за наводнување во тетовско во лоша состојба
Каналот Радиовце – Бистрица кој пред 10 тина години за наводнување го користеа речиси 70 % од земјоделците во Тетовско е запоставен. Единствено функционира главната мрежа во горни полог, додека секундарната мрежа со која управуваат водните заедници формирани од самите селани, недоволно се одржува. Земјоделците од општина Брвеница се револтирани и од уништените подземни ситеми за наводнување за кои исто така се надлежни водните зедници.
Пумпните станици се оставени на забот на времето а моторите и останатата опрема е украдена. Од водните заедница велат поради недостиг на средства не се во можност да ги одржуваа системите. Бараат властите да помогнат во разрешување на овој проблем.Доколу повторно се стави во функција подземниот водоводен систем, целосно ќе се реши проблемот со наводнувањето во нашата општина, изјави градоначалникот на општина Брвеница Енвер Пајазити.
„Во изминативе 3 години се јавија две фирми за реконструкција на подземниот ситем за наводнување, кои за ваквиот зафат побараа голема сума пари, кои ниту водните заедници ниту локалната самоуправа не можешe да ги обезбеди”, вели Пајазити кој се надева на помош од владата. Стручњаците пак сметаат дека квалитетно наводнување може да се обезбеди доколку водните заедници ги раководи државата како што било во минатото. Според Агенцијата за развој и поттик на земјоделството, општините и самите жители се немоќни да раководат со водните заедници Поради ваквата практика голем дел од земјоделската површина скоро и да не се наводнува, што резултура со намален род но и лош квалитет на земјоделските продукти.
Од Министерството за земјоделие велат дека организираат јавна расправа на чија основа ќе се изработи акционен план и стратегија за наводнување на земјоделските површини, за чија реализација владата одвоила 200 милиони евра, пари кои што ќе се искористат и за реконструкција на постоечките системи за наводнување и изградба на нови.
Поплавите во полошко речиси секоја година го уништува земјоделскиот род
Жителите од селата од општина Јегуновце и годинава стравуваат од можни излевања на реката Вардар, кое постојано се случува во пролетните и есенските месеци. Водата од Вардар се излева после поголеми поројни дождови уништувајќи ги земјоделските производи.”Секоја година се помалку ги засадуваме нашите ниви, бидејќи стравуваме дека ќе ни се поплават и засеаното ќе се уништи”, вели еден земјоделец од селото Раотинце. “Единствен спас од поплавите е регулирање на коритото на реката Вардар, но овој проект стар повеќе од 10 години властите никако да го реализират. Наместо да делуваат превентивно, при секоја поплава интервенираат со поставување на вреќи и песок кое не може да ги сопре надојдените води од реката”, додава друг земјоделец. За изминативе 12 години, за уништениот земјоделски род настанат од поплавите, од државата земјоделците велат дека биле само два пати обештетени.
Поради нерегулираното корито, поплавите целосно ги уништуваат и дел од земјоделските обработливи површини
Дел од нивите долж течението на Вардар во атарот на село Копанце поради постојаните поплави се одронуваат, станувајќи дел од речното корито на реката. Водата секојдневно ја одронува земјата од нашите ниви. Досега е одземено околу 5 декари обработлива површина, велат жителите од Копанце. Тие бараат владата веднаш да го регулира коритото, за да се спречи понатамошно уништување на нивниот имот.Од општина Јегуновце, велат дека регулацијата на коритото на реката Вардар изнесува 6 милиони евра, пари кои општината не може да ги обезбеди. Се работи за капитален проект за кој треба да инвестира владата која засега не одвојува средства за оваа намена, изјавија од локалната самоуправа.
Земјоделската обработлива површина се пренамеува во градежни парцели
80 годишниот Славко Савески од село Сараќино цел живот се занимава со земјоделие. Заедно со своите два сина обработува 70 декари површина претежно засеана со сточна храна. “Половина од нивите ни се земени под закуп, би сакале да го прошириме нашето земјоделско производство, но земјоделската површина од година в година се скусува.Таа се пренаменува во градежни парцели а тетовската индустриска зона се гради на една од најквалитетната почва во полошко, која може и човек да роди”, вели Савески.
„Ние сме сточарско село и мора земјата повеќе да се обраборува стоката сака да јаде, на жалост градежниот реон го проширија”, растажено раскажува Славко.Од Агенцијата за поттик и развој на земјоделието велат дека населените места и индустриските зони не треба да се прошируват на земјоделски површини. Полог располага со квалитетна почва и жално е таа да не се користи во време на сиромаштија и глад.
Земјоделците мака мачат со пласманот на своите производи
Од Агенцијата за поттик и развој на земјоделието потенцираат дека немањето сигурен пласман на земјоделските производи е најголемиот проблем на земјоделците во тетовско, регион кој е меѓу ретките во државата каде нема откупен центар. “Голем проблем предизвикува и нелојалната конкуренција односно нерегистрираните трговци кои на диво по улици и тротоари продаваат зеленчук и овошје по многу ниска цена. Земјоделците сега немаат сигурност, па не знаат дали ќе го продадат она во што вложиле” вели Петре Петрески раководител на агенцијата за поттик на земјоделието единица Тетово.
Тој смета дека време е земјоделците да се ориентираат на производство на алтернативни продукти како што е аронија, бадем, лешник, каде не треба многу да се вложи а сепак може да се продаде по многу повисока цена, отколку традицоналните јаболка, вишна и слично, за чии производи потребни се ладилници кои ретко кој земјоделец може да ги обезбеди, вели Петрески. “Од исклучителна важност е и формирањето на земјоделски задруги, на тој начин здружено земјоделците би биле поконкуретни на пазарот а трошоците за производство, би биле многу пониски’, додава тој.
Една од ретките земјоделски задруги во полошко “АД Вардар Брвеница”, освен во отворањето на откупни цетри решението за сигурен пласман го гледаат и во преработувачките капацитети за овошје и зеленчук, кои некогаш постоеја во тетовско. “Во минатото постоеја фирми кои го гарантираа откупот, сега тие се затворени, кога некој би вложил во вакви претпријатија, состојбата би се подобрила. Сега задругата чека да и се насмевне среќата, дали некое претпријатие претежно од соседна Србија, ќе одлучи да ја купи јаболката и тоа најчесто по многу ниска цена од околу 10 денари”, вели Илко Анѓелкоски раководител на Земјоделската задруга “АД Вардар Брвеница” .Ако не успееме да ја пласираме ја чуваме во магацините и половина од неа скапува, додава тој.
Од Министерството за земјоделие, велат дека се за проблемот со пласманот на производите во тетовско, но владата велат од таму, прави напори на земјоделците да им овозможи сигурен откуп. Во општина Врапчиште наскоро се планира да се отвори откупен центар, со него ќе раководи инвеститор од Турција кој имаше најдобра понуда на јавното наддавање, изјавија од министерството.
Субвенциите за грла овци да се исплаќаат во месеците кога е најефтина сточната храна, апелираат овчарските стопанства
Од најголемото овчарско стопанство во Западна Македонија “Агро Драгоево”, секоја година апелираат субвенциите кои се исплаќаат по грла овци да ги земаат во месец јуни, период кога храната за стоката е ефтина. Меѓит Амити раководител на “Агро Драгоево”, вели дека Агенцијата за финасиска подршка во земјоделството не ги зема во предвид нивните барања и ги субвенционира во овој период од годината, кога сточната храна е два пати поскапа.
Огромните шумски пасишта со богата вегетација , ја прави овчарската дејност една од најперспективните гранки во Македонија. За жал, во Македонија ако пред неколку децении имаше 2 милиона овци моментално нивната бројка изнесува околу 500 000. Бројката може да се зголеми, доколку државата со своите механизми интервенира и во откупот на јагнешкото месо, тврдат од Агро Драгoево
Укинати субвенции на земјоделец, но не по негова вина
Еден од најголемите производители на аронија во тетовско кој сака да остане анонимен, вели дека по грешка на вработените од подрачната единица на Министерството за земјоделство Тетово, не зема субвенции иако законски му следуваат. Кога аплицирал за добивање на финансиска помош пријавил засаден насад на аронија, но вработените по грешка во компјутерскиот систем завеле дека се работи за расад.
Агенција за финасиска подршка во земјоделството при вршење на контрола на самата површина утврдила дека земјоделецот има засеано насад а не расад како што по грешка го информирало подрачното одделение на министерството. Веднаш агенцијата донела решени да му се укинат субвенциите на земјоделецот, поради разликите во пријавеното и она што се утврдило на лице место. Од подрачното одделение на министерството ја признаваат греешката. И во писмена форма образложуваат дека пропустот го направиле нивните вработени, најверојатно поради големите гужви во одделението. Но, дали вработените ќе понесат одговорност, засега немаат коментар.