ВМРО ДПМНЕ денеска преку соопштение му ги понуди гласовите на СДСМ за да формира влада, каква што сака, но како што велат „без уцени и прифаќање платформи кои предизвикуваат далекусежни штети и ја претвораат Македонија од мултиетничка во бинационална држава“.
– На декемвриските избори граѓаните не гласаа за платформата од Тирана. Таа или која било платформа изготвена во туѓа држава не може и не смее да стане услов за формирање на влада во Република Македонија, е вели во соопштението.
Од партијата сметаат дека СДСМ е уценет за да ја прифати платформата и да работи на изнаоѓање начини истата да се реализира.
– Помалку е важно со што е уценет Зоран Заев и СДСМ. Многу поважно е да се спречат последиците од уцената и спроведувањето на платформата. Тие ќе значат редефинирање на Македонија и носат ризик за да предизвикаат тензии, се вели во соопштението, во кое уште еднаш оваа партија бара одржување нови парламентарни избори.
– Доколку СДСМ и Зоран Заев се сигурни дека прифаќањето на сеалбанската платформа е добро за иднината на Македонија и таа би била поддржана од граѓаните, нека прифатат распишување на нови избори на кои би се гласало и за платформата од Тирана.Доколку Зоран Заев не е сигурен во сопствениот рејтинг и поддршката, сметаме дека СДСМ треба да ја отфрли платформата и да се откаже од реализацијата на сите елементи од неа кои водат кон формирање на бинационална држава, се вели во сооптението од ВМРО ДПМНЕ.
Оваа партија на крајот од соопштението наведува дека „заради почитта кон нив и нашата стратешка определба, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се донесат никакви решенија што се спротивни на државните и национални интереси“.