Од:

Време за одговорност

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Новата влада ги прави своите први чекори кои веќе даваат надеж дека особено во неколку области работите ќе тргнат на добар пат. Сите сме љубопитни да видиме кои ќе бидат првите суштински реформи кои ќе ги преземе новата власт. Работата што ќе ја детерминира перцепцијата за оваа власт е пред сé воведувањето на носењето на одговорност како приоритет на новот владеење.

Време е да се стави крај на досегашната недопирливост на јавните личности во оваа држава и таа практика да потоне со сé досегашниот начин на владеење.

Време е да се стави крај на вечната толеранција на работењето во целосна спротивност со интересите на граѓаните, време е за суштинска промена на начинот на владеење.

Каде треба да започне ваквиот начин на носење на одговорност? Несомнено таму каде што се направени најголемите злосторства, кај партиите кои биле дел од досегашната власт.

Наместо истите се уште да го имаат луксузот да заплашуваат и да им се закануваат на новинарите кои известуваат за нивните можни злоупотреби, политичките партии кои сега се во власт или во опозиција, а особено тие кои се во власт, треба да ја заменат нивната ароганција со соработка во воспоставувањето на правдата која толку долго беше отсутна во оваа поднебје.

Ниту еден политички субјект нема да може вистински да се реформира пред да помине претходно низ процесот на прочистување од криминал преку носење на одговорност за сите основани обвиненија за корупција и злоупотреба на власта. Ниту едно владеење не може да биде реформаторско додека носењето на одговорност не го стави како клучен и најзначаен приорите.

Носењето на одговорност од страна на сите за кои има докази дека сториле кривични дела и злоупотреби, без разлика дали се уште на власт или се опозиција, е клучниот момент на реформата, и тоа треба да се бара со големо инсистирање и упорност од сите релевантни субјекти и тоа: реформираните политичари, разбудените граѓани, но и меѓуноародните пријатели на оваа држава. Тоа што ги обедини граѓаните на оваа земја и што доведе до промената која ја живееме, беше бескомпромисното барање за правда. Сега е време таа правда не само да профунксионира туку и да се види дека се спроведува.

Многу важен приоритет на новата Влада мора да биде и соодветното справување со омразата. Таа омраза која досега намерно се ширеше и се стимулираше во оваа држава не смее и понатаму да се толерира. Тоа што се случи во плоштадот во Скопје вечерта кога Вардар беше прогласен за европски шампион има име и се вика говор на омраза. Да посакуваш смрт за своите сограѓани преминува од другата страна на секаков здрав разум и секаква правна и морална норма на една сериозна држава.

Ширењето на таква омраза преку нејзино пропагирање доведува до дела на омраза како во примерот на граѓанинот кој што беше жртва на насилство и на телесни повреди заради фактот што беше Албанец. Ова е класичен пример на злосторство од омраза, ниту прв ниту последен случај во оваа држава. Меѓутоа, ова е првиот таков случај во време кога веќе имаме нова влада која сака да биде реформска.

Постојат сомнежи дека овие два инциденти се провоцирани од страна на претставници на претходната власт, меѓутоа, тоа никако не го оправдува нивното толерирање или игнорирање од страна на новата власт. Начинот на кој новата власт треба да се справува со овие инциденти, инсценирани или не, е преку нивно кривично гонење како злосторства од омраза и преку нивно ефективно казнување. Со ова ќе покаже дека одлучила да ги сфати сериозно овие дела и да ги гони како такви, а не да ги заборави и повторно да ги стави под тепих како дела сторени од непознати сторители.

Предизвикувањето и стимулирањето на омраза во едно мултиетничко општество не смее да се толерира од ниту една власт која сака да биде реформска. Затоа, колку порано истата одлучи сериозно да се справи со тие дела, толку подобро за неа.

Друга работа која новата власт треба да ја има предвид е дека сега веќе има работа со разбудено граѓанство со многу понизок праг на толеранција за злоупотреби, кое само што се извлекло од дното до кое водеше послушниот конформизам кон претходната власт. Дури не може да се каже дека потполно се извлекло од таквото дно заради тесните бројки кои сеуште се опасност повторно да се гравитира кон таквото потонување. Затоа, новата власт треба да биде многу внимателна како ќе ги потроши тие малку пари кои останале во државната каса, и како ќе ги врати парите украдени од претходната власт.

Граѓаните будно ќе ја следат новата власт во однос на тоа колку добар домаќин ќе се покаже. Еднаш веќе разбуденото граѓанство нема да толерира понатамошно расипништво на државните институции и нивните претставници кога знае дека секое новороденче се раѓа со долг од 2000 евра како последица на недомаќинското претходно владеење. Затоа, сите претставници на државните институции кои мислат дека можат и понатаму да продолжат со непотребно луксузирање кога ги промовираат нивните успеси треба да бидат свесни и да не се лутат кога за тоа ќе бидат остро и безмилосно камжикувани од медиумите и од граѓаните. Притоа, оправдувањатата дека во мината власт се трошеле многу повеќе пари за такви работи нема да важат, бидејќи за таа работа истата беше сменета.

Исто така, иако знаеме дека ќе бидат потребни повеќе од 100 или 200 дена за институциите вистински да профункционираат, претставниците на тие институции треба да знаат дека граѓаните веќе нема да се задоволуваат со малку правда, или малку функционалност, ниту пак ќе се импресионираат со тоа што некој совесното вршење на својата работа ќе го претстави како извонредно достигнување.

Претставниците на новата власт треба да знаат дека од нив се очекува сериозна и само-пожртвувана работа која не само што ќе ги воспостави минималните стандарди на работење туку конечно ќе ја води земјата напред и ќе ја неутрализира штетата предизвикана од минатото владеење.

Разбудените граѓани, интелектуалците и медиумите секако дека ќе можат лесно да ги идентификуваат и да ги пофалат добрите практики, меѓутоа да нема дилеми дека секаков знак на поврзаност или сличност со претходниот начин на владеење  не само што ќе се критикува туку ќе се отфрли како неприфатлив.

Освен граѓаните кои треба директно да се вклучат и да придонесат во задржувањето на вистинскиот тек на реформите, од суштинско значење е и  поддршката од меѓународните пријатели. Ниту еден реформски процес нема да премине преку обвинувањата за реваншизам ако отсуствува јасната меѓународна поддршка. Тука најпрво се вклучуваат реформите во судството и во јавната администрација каде секако дека треба да се воведе начелото на одговорност и упорно да се бара нејзиното спроведување. Без меѓународна поддршка тој процес ќе биде многу макотрпен и бавен.

Затоа, одговорноста треба да се дели меѓу клучните субјекти во реформскиот процес. Најголемата одговорност спаѓа кај партиите на власт кои јасно и без двосмисленост треба да докажат дека нивната цел е суштински да го сменат начинот на владеење во оваа држава.

Вториот многу важен субјект се граѓаните, интелектуалците и медиумите кои треба да бидат будниот и безкомпромисен контролор на власта.

Третиот важен субјект е меѓународната заедница која не смее да толерира понатамошно прекршување на суштествените демократски принципи и владеењето на правото, имајќи предвид до каде дотуркавме последниот пат кога тие прекршувања беа толерирани.

Втора шанса нема да има, ова е времето за промени, ова е времето кога треба да се носи одговорност.



Comments are closed.