Заев во дел од својот говор пред Владата на граѓанскиот протест, порача дека Груевски мора да си замине за да се врати демократијата во земјава:
Груевски мора да замине. Друго решение нема. За да се врати демократија, да се врати надежта и достоинството. За да ја исправиме на нозе Македонија. На злоупотребите ќе ставиме крај. Овој 17-ти мај ќе влезе во историјата на слободна Македонија, тоа јас и вие го гарантираме на Македонија.
Решението на една од најсложените политички кризи е Никола Груевски да поднесе оставка. А заедно со Груевски и јавниот обвинител Марко Зврлевски, обвинителот за ораганизиран криминал, Јован Илиевски, продолжени раце на Груевски и Мијалков. И раководните структури на МРТ.
Неопходно е да се постигне политички договор. Да се прочисти избирачкиот список. Да се создадат услови за независно медиумско пренесување. Затоа порачувам, дојдовме и не заминуваме додека не го вратиме мирот, спокојот и достоинството на граѓаните на РМ.
Очекувам оваа најсилна порака која денеска ја испраќа Македонија вака мутлиетнички заедно, жедна за демократија, очекувам Меѓународната заедница да помогне со директно учество не само со набљудување, за мирна разврска на политичката криза. Предупредувам дека инаетот на Груевски може да има последици што никој не ги посакува. Затоа очекувам сите граѓани, НГО, политичките партии низ еден разумен и мирен процес, да ја помогнат посакуваната пресвртница во која нема да има место за насилници, рече Заев.