Во 2013 година најмалку 70-тина новинари се убиени за време на својата работа во различни делови на светот, соопшти Комитетот за заштита на новинарите, со седиште во Њујорк.
Како што наведуваат американските медиуми, само во Сирија се убиени 29 новинари доброволци, кои ги документирале борбите во своите родни места, репортери на владините и опозициските медиуми, како и неколкумина дописници на странски медиуми.Меѓу нив е репортерот на „Ал Џазира“, Мохамед ал Месалма, убиен од снајперист.
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија во неа се убиени најмалку 63 новинари.
Во текот на оваа година во Ирак се убиени десетина новинари. Во Египет има шестмина убиени нивни колеги, од кои тројца за време на офанзивата на силите за безбедност на 14 август против приврзениците на соборениот претседател исламист Мохамед Морси.
Комитетот за заштита на новинарите уште од 1992 година почнна да ги регистрира смртните случаи на репортерите и другите вработени во медиумите. Оттогаш повеќето од документираните убиства се на луѓе кои известувале од местата каде живеат. Таков е и случајот со оваа 2013 година, што е на истекот, наведуваат американските медиуми.

