Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска соопшти дека Основниот граѓански суд Скопје, со Решение од 3 октомври 2025 година, го одбил како неоснован предлогот од тужбата на политичката партија Левица за издавање привремена мерка.
Со мерката, Левица барала на АВМУ да ѝ се забрани да го достави до комерцијалните медиуми „Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025“, како и забрана да го достави до Државната изборна комисија (ДИК) извештајот за емитуваното платено политичко рекламирање (ППР), врз основа на кој ДИК ги распределува и исплаќа парите за реклами во предизборната кампања.
Во соопштението се наведува дека Упатството на АВМУ има „единствена цел да обезбеди јасни и прецизни насоки за радиодифузерите при примената на членот 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, кој ја уредува распределбата на времето за ППР“.