Берлин: Над 50.000 домаќинства и околу 2.000 комерцијални згради останаа без електрична енергија поради пожар на кабелска инсталација на југоистокот од Берлин во близина на електраната Лихтерфелде. Во моментов, температурите се ниски во Берлин, а сообраќајот е отежнат поради обилни снежни врнежи, објави Ројтерс.
Во меѓувреме, пожарникарите евакуираа неколку погодени згради, вклучувајќи два домови за стари лица.
Полицијата преку платформата X извести дека се сомнева дека пожарот бил подметнат, а медиумите известуваат дека истрагата ја презеде Покраинската канцеларија за борба против криминалот, која презема случаи во кои се сомнева за кривични дела што претставуваат закана за општествениот ред и оние со политичка позадина.
Во септември, пожар беше подметнат и во југоисточниот дел на Берлин, за кој одговорност презеде екстремно левичарска организација и сакаше да им наштети на економските зони во тој дел од Берлин како дел од „борбата против капитализмот“.
Во последните години имаше бројни напади врз инфраструктурата, особено железницата, што е оправдано и со „борбата против капиталистичката инфраструктура“, односно транспортот на стоки со железница.
За време на последниот голем подметнат пожар на линијата помеѓу Келн и Дизелдорф во август, патничкиот сообраќај на една од најпрометните железнички линии во Европа беше блокиран со денови.




