Атина: Во Грција од денеска официјално започнува 35 – годишната концесија на најдолгиот автопат во земјата – Виа Игнација (Егнација Одос), за што грчката држава веднаш инкасираше околу 1,3 милијарди евра.
Концесионерскиот договор опфаќа три дела, од кој еден е исплаќање на 1,5 милијарди, потоа одржување за над 1,5 милијарди и уште 420 милиони во чија рамка влегува и изградба на современ „затворен“ автопат кон нашата земја, прашање кое беше дискутирано меѓу вицепремиерот Николоски и министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Димас, при неодамнешната средба во Грција.
Како што објавуваат грчките медиуми, Фондот за раст официјално ги предаде клучевите на концесионер од најдолгиот автопат во Грција, Виа Игнација (Егнација Одос) и неговите три главни вертикални оски на „NEA EGNATIA ODOS PARACHORISI S.A.“ (предводен од GEK TERNA и EGIS PROJECTS) за следните 35 години.
Тоа што е за Северна Македонија битно е дека 420 милиони евра ќе бидат вложени на 50-тина километри автопат кон Евзони односно до границата со Република Северна Македонија.




