Таканаречената бомба број 23 поврзана со демонстрациите пред општина Центар
Меѓу 14-те обвинети за поттикнување на насилството врз Општина Центар, 5-мина се обвинети како поттикнувачи на насилство и 9 лица како директни извршители. Обвинителката Фатиме Фетаи истакна дека насилството е мотивирано од лукративни причини, односно бизнис интересите на партискиот.
СЈО поднесе обвниние, а МВР две години не успеваше да ги идентификува напаѓачите и покрај бројните снимки. Нивниот однос кон овој случај најде место и во меѓународните извештаи за Македонија како илустрација за отсуство на владеењето на правото.
Како „менаџираше“ Јанкулоска
Министерството за внатрешни работи долго време наводно ги бараше напаѓачите на општина Центар кои во јуни 2013 протестираа против, како што тврдеа, обидите на Жерновски да ја спречи изградбата на црква на плоштадот. Демонстрациите беа насилни и завршија со демолирање на општинските простoрии. Зад протестите застана неформалното здружение „Веритас“. Го водеше Сузана Миновска, сопруга на претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација Душко Миновски кој воедно е и советник во кабинетот на премиерот Никола Груевски. Медиумите документирано известуваа за присуство на многу членови на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ во демолирањето на општината, дел од нив и вработени во јавните и државни претпријатија.
Полицијата се правдаше дека не може да ги идентификува напаѓачите и покрај постоењето на многу снимки и фотографии. Случајот се најде и во извештајот за напредок на Република Македонија од 2014 година подготвен од Европската комисија со повици до власта да се истражи целосно. Во светло на новото обвниние од страна на СЈО поврзано со настаните од летото 2013 кога општина Центар беше мета на напади, НОВА подготви хронологија на настаните во случајот „Верници против општина Центар“ која доловува како реагираше полицијата, институциите, партиите и како изгледаше нападот врз општината.
Транскрипт од разговорот помеѓу министрите кој што се однесува на случувањата со општина Центар
ГЈ: И така… Денес се расправам со Центар.
ЗС: Шо?
ГЈ: Епа што. Со ова.
ЗС: Aбе шо се глупираме таму.
ГЈ: Сеа пред малку ми се јави Орав. Што да ти кажам. Вика…
ЗС: Големи глупости праиме, ама…
ГЈ:Тргнал негде на викенд.
ЗС: Вчера имав прилика да видам како се размислува од некои други така да јасно ми е шо е. Се потстанува егото и се… И второ се, демек еве не го изгубивме ние… Ќе го растуриме. Океј добро, океј. Не е проблем.
ГЈ: Абе мене ми е шо ја иам мака.
ЗС: Ќе се види по некое време дека пак е погрешно, меѓутоа океј.
ГЈ: Да бе да. И ми вика што е ова, што е ова, се тепаа пред општина со полицијава, дур ми се јави мене Кире ова она, полицајциве малку ги зашутираа овие и за среќа добро беше шо испадна така…И за среќа мислам полицијава реагираше малку викам не е така, реагиравме, па му пишав порака, знаеш морам некако да ја менаџирам. Вика ја вика тргнав на викенд петок поручек ми се јавуваат од Брисел, што се случува и мислам вака ми вика ова што го прај ВМРО нигде го нема, ова она… Викам видете јас како министер за внатрешни можам да ви кажам, тоа што е надлежност на полицијата го праиме, не знам ова она, професионално дрн дрн. Ама мислам се глеа колку е саат, плус оти…
ЗС: Не види на крајот ко Ердоган ќе биде ситуацијава значи ова тоа, ова тоа и ќе им пукне филм на…
ГЈ: Да де да.
ЗС: Ќе речат добро бе ај у пичку матер па постојано нешто продуцирате проблеми. Па не може постојано да сме у право.
ГЈ: Не ама, ова ова што, овој ептен беше вака изваден од такт и ми вика ова вика што го праите е најмалку што ви треба. Место да седите мирни до јуни…Вака со овие зборови…
07 јуни 2013
Тензии и немири пред општина Центар.
Неформалното здружение на граѓани „Веритас“ го обвини градоначалникот Андреј Жерновски дека со измените на ДУП-от со кој се предвидува враќање на зелените површини Општината ќе започне со уривање на црквата Св.Констатин и Елена. Стотици граѓани се одзваа на повикот на „Веритас“ и дојда да протестираат пред општината додека се одржуваше седницата. Толпата граѓани беше насилна и успеа да влезе во просториите на општината, демолираше и кршеше. Присутните новинари известуваат дека полицијата не прави многу за да ги спречи демонстрантите да кршат, а за пасивниот однос на полицијата обвини и градоначалникот Андреј Жерновски. Иако според демонстрантите промената на ДУП-от би значело престанување на градежните работи и престанок на изградбата на Црквата Свети Елена и Константин, од општина Центар имаат спротивен став. Претседателот на Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ вели дека во предлог одлуката за укинување на ДУП-от, воопшто не подлежат за укинување објекти кои се во градба и за кои е издадена документ
Толпата демонстранти се обидува да ги спречи новинарите во извршување на должноста
10 јуни, пристигаат сендвичи за демонстрантите во комбе без регистерски таблици
„Без оглед на тоа што јас се обидував да им објаснам дека сум новинар, тие се обидуваа да ме нападнат, ми ја тргаа камерата и удираа по мене. Полицајците мирно гледаа и во моментот кога застанав зад еден од полицајците за да се заштитам, продолжија нападите. Застанав зад живиот штит полицајци кои беа зад ѕидот на Општината и ги прашав зошто не ме одбранат. Во последен момент еден постар полицаец ме заде за рака и ми препорача да не снимам, зашто е опасно“, објаснува новинарката Биљана Секуловска.
Градоначалникот Андреј Жерновски се обраќа за да објасни дека посочената црква нема да се руши ниту пак било во план да се спречи истото
, МВР со реакција до општина Центар
„Министерството за внатрешни работи нема основа да им забрани на граѓаните да го искажуваат својот револт заради најавите за уривање на црквата Свети Константин и Елена“, се вели во соопштението на МВР по повод инцидентите во општина Центар
„МВР имало и ќе има еднаков и неселективен пристап кон сите поединци и институции во државата и максимално коректно и професионално во сите случаи се ангажира во рамки на своите законски ингеренции.
Претставници на Црквата и претставници на државни институции со повици кои ги поттикнуваат немирите
Жерновски е олицетворение на мрачните сили кои се креваат против бога, црквата и културата изјави претседателката на Комисијата за односи со верките заедници Валентина Божиновска оправдувајќи ја реакцијата на граѓаните кои насилно демонстрираа пред општината.
13 јуни 2013
Жерновски поднесе барање за поведување прекршочна постапка против непознат сторител
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, поднесе барање за поведување на прекршочна постапка против непознат сторител, поради уништување на општински имот и загрозување на животот на легално избраните советници, градоначалник, општинската администрација и претставници на медиумите
19 септември 2013
Командирот на полициската станица Центар пред Советот на општина Центар
В.д командирот на полициската станица Зоран Марковски, објасни дека во општина Центар годишно има над 7.000 настани годишно и претставува најнападната општина во државата. Како што кажа тој, задоцниле снимките за идентификација на идентитетот на насилниците кои го нападнаа Центар. Командирот лично потврди дека протестот бил пријавен во општината, но органзиацијата која го пријавила („Веритас“), немала печат и потпис. Тој дури го повика градоначалникот ако знае кои се сторителите да достави докази во полицијата, на што советниците реплицираа дека сета фото и видео документација од медиумите е одамна на увид на полицијата.
20 август 2014
Жерновски со писмо до Јанкуловска: И по една година се уште не можете да ги најдете сторителите
Во среде Скопје, г-ѓо Министер, на пладне, среде бел ден, во центарот на главниот град на Република Македонија, се уништи и се оштети имот на Општина Центар, односно имот на Република Македонија, се каменуваше институција на локалната самоуправа, беше повреден советник на Советот на Општината, едвај беше спречен линч на градоначалникот, советниците, претставниците на медиумите, вработените и странките присутни во Општината во тој момент, но, единствено за Вас и за вработените во Министерството со кое раководите, овој настан „не постои“, „ не се случил“! Останува уште да ни кажете дека сами сме си го смислиле, а можеби и ќе не обвините и дека сами сме си го направиле. Како тргнале работите, сî е очекувано!