Новиот нацрт закон за медиуми вечерва ќе и биде презентиран на јавноста. Министерот за информатичко општество Иво Ивановски најави дека вечерва законот ќе биде поставен на електронскиот национален регистер. Во министерството за информатичко општество пристигнале 380 коментари на законот, а забелешки се дадени на 117 члена од вкупно 171 член или на повеќе од две третини од законот за медиуми.
ШТО МОЖЕ ДА СЕ ОЧЕКУВА
Вечерва конечно по многу жолчни расправи помеѓу новинарската фела и власта, односно предлагачите на законот, ќе се знае како ќе изгледа новото решение, но и колку од забелешките се прифатени и дали се опфатени коментарите кои ги допираа суштинските прашања на конфликтот предизвикан од законот, како на пример членот 4. Едно е сигурно, новото нацрт решение постои, што значи нема повлекување на законот за медиуми како што тоа го побараа ЗНМ, ССНМ и МИМ, а со поддршка на Меѓународната федерација на новинари и други релевантни странски организации.
Голема прашина се крена околу членот 4 од законот за медиуми кој според британскиот експерт ангажиран од ЗНМ наметнува неколку принципи за медиумите кои иако се базирани на легитимна цел, се широко дефинирани и можат да бидат подложни на злоупотреби, како на пример барањето од медиумите да ја заштитат приватноста без притоа да дозволат никаков исклучок за јавниот интерес воспоставена од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
Можноста за злоупотреби во членот 4 ја констатира и анализата на ОБСЕ, на ССНМ, а забелешки има и МАН.
Министерот Иво Ивановски денеска призна дека најголемиот дел од забелешките се однесуваат на членот 4 кој треба да ја гарантира слободата на изразување, но додаде и дека иако ако според одредени организации членот е проблематичен, во анализата на Советот на Европа не се споменувал. Тоа отвара дилеми дали министерот најавува измени или отфрлање во тој член или, пак, повикувајќи се на анализите кои не содржат забелешки за тој член веќе креира алиби за евентуалното оставање на членот во законот ваков каков што е.
КОИ СЕ СУШТИНСКИТЕ ЗАБЕЛЕШКИ
Покрај домашните еснафски здруженија и медиумски куќи, коментари и забелешки дојдоа и од интернационалните организации чија сфера на делување е слободата на медиумите. Заедничка препорака за речиси сите организации е повикот да не се регулираат печатот, интернетот и аудиовизелните медиуми во еден закон, односно да не се регулираа ниту печатот ниту интернетот. Експертот од Советот на Европа забележува дека „не без причина третманот на печатените медиуми и аудиовизелните медиумите се во одвоени закони генерално во Европа и тоа со многу послаб режим за печатот. Регулацијата на сите медиуми во еден закон претставува опасност од недоследности, прекумерна регулација и не е јасно од каде потребата за таков сеопфатен закон”.
Втората заедничка, но суштинска препорака се однесува на составот на Советот во регулаторот. Според сегашниот нацрт седумте члена ќе служат мандат од 9 години. Британскиот експерт, забележува дека изборот на членови во Советот на Агенцијата не е во согласност со препораките од Советот на Европа, не ја гарантира независноста и остава голем простор за политичко влијание. Според него, но и според ОБСЕ и Советот на Европа вака предложениот состав остава простор лесно да се контролира работата на Советот од страна на политичките субјекти (еден член од МАНУ, еден од Советот, еден од мнозинското здружение на новинари, двајца до собраниската комисија за избори и именувања, еден од Заедниците на локалната самоуправа и еден на предлог на Претседателот на државата). Препораката на Советот на Европа е членовите да се бираат со двотретинско мнозинство во Собраниеото, а повеќе номинации да доаѓаат од невладиниот сектор.
Забелешки има во многу други области, како на пример во дефиницијата на новинар или електронска публикација, а особено првото дефинирање експертите го посочуваат како многу рестриктивно.
Се на се, предложеното законско решение генерално во анализите се посочува како рестриктивно во однос на слободата на медиуми и изразување, ризично во смисла не претерана регулација, подобно за силни политички влијанија во Советот, сеопфатно и во многу членови.
КАКО ТЕЧЕШЕ ДЕБАТАТА ЗА ЗАКОНОТ
Македонските еснафски организации ја бојкотираа првата јавна расправа на Министерството за информатичко општество. Таа се одржа на 8 Арпил и тоа беше прв пат по речиси две години, колку што се подготвување нацртот, да излезе пред очите на јавноста ова решение. ЗНМ, ССНМ и МИМ протестираа поради нивната невклученост и носење на закон од витално значење за слободата на медиуми зад затворени врати. Претходно, додека се уште беше активен дијалогот помеѓу ЗНМ и Владата, тогашната вицепремиерка за евроинтеграции Теута Арифи ветување дека новиот закон ќе се подготвува во консултаации со новинарите, што не се случи.
На првата расправа, министерството обзнани дека ќе дозволи само 10 дена расправа, односно можност за коментари и забелешки по нацртот. Еснафските здруженија реагираа бесно и бараа најмалку 5 месеци расправа. Под притисок на организациите, но и под притисок на меѓународната заедница, власта најпосле попушти и дозволи 2 месеца за забешелеки и расправа – месеци кои не течеа глатко, а власта и новинарите „војуваа“ по однос на предлогот. На денот на слобода на печатот, 3 Мај, Синдикатот заедно со дел од интернет медиумите, а со поддршка на блогерите организираше протест на интернет, односно 24 часовно затемнување на страниците на порталите поради можноста од интернет цензура со новиот предложен закон за медиуми.
Клевети и навреди најпрво стигнаа од владејачката партија која во писмено соопштение новинарскиот синдикат го обвини за слугување на СДСМ, го наведе како “таканаречен синдикат”, а упати и лични навреди кон претседателката Тамара Чаусидис. Веднаш потоа се јави и министерството кое го обвини синдикатот дека ја дезинформира јавноста и дека опасност од цензура на интернет не постои, а се е во согласност со европските директиви.
Но, во резолуцијата за земјава изнесена пред Европскиот парламент, во членот кој се однесува на слободата на медиуми, комисијата практично ја потврди опасноста од цензура, наведувајќи дека „ изразуваме поддршка на активистите на социјалните медиуми кои лобираат против цензурата на интернет”, пишува во текстот“.
Иако ги поднесоа забелешките, МИМ, ЗНМ и ССНМ остануваат на ставот за целосно повлекување на овој предлог закон, а предлагаат само измени во законот за радиофузија во делот на усогласувањето со европските директиви.