Традиционалната парада и смотра на воените единци се одржа денеска во Лондон во чест на роденденот на кралицата Елизабета Втора.
На манифестацијата присуствуваше кралицата, заедно со членовите од нејзиното најблиско семејство, но не и принцот Филип, кој веќе една недела се наоѓа во болница, откако врз него беше извршена хируршка интервенција во пределот на стомакот.
Традиционална смотра на кралските воени сили се одржува уште од 18. век. Првично смотрата била извршувана пред заминувањето на трупите во борба, но од 1748 година смотрата со парада на војниците се врзува за службениот роденден на британскиот суверенитет.
Кралицата Елизабета е родена на 21 април и таа тогаш наполни 87 години, но нејзиниот службен роденден секогаш се одбележува во јуни.