Заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, по средбите со политичките лидери изминативе два дена, во изјава за медиумите рече дека е време за формирање нова влада која итно ќе работи на реформите за да се надмине политичката криза, а сите прашања околу програмата на новата влада треба да се дебатираат внатре во Парламентот.
– За жал, политичките лидери не беа во можност да формираат влада по изборите кои се признаени од целата меѓународна заедница. Уште позагрижувачки се последните инциденти во Парламентот, каде пратениците беа кукавички нападнати само затоа што одбраа нов собраниски спикер, изјави Ји, кој ги повика властите да ги истражат нападите и виновниците да одговараат.
– Веруваме дека важно е политичките лидери да ја сфатат сериозноста и да најдат начин, мнозинството во Парламентот да одбере влада. Ги разбираме грижите, а целата програма на Владата треба да се дебатира во Собранието, а не надвор од него. Чувствуваме дека е важно земјата да биде обединета и да има нова влада која ќе работи на реформите, порача Ји.
Одговарајќи на новинарско прашање дали постои загриженост за нови проблеми затоа што досегашната владејачка партија вели дека не го признава Џафери за спикер на Собранието, Ји одговори дека во политиката е неопходно да се има отворена дискусија меѓу сите партии во Парламентот.
– Мислам дека е легитимно партиите да ја изразат својата загриженост но тие треба да бидат разрешени врз основа на нормалните демократски принципи. Со други зборови, ако мнозинството од пратениците се задоволни од Џафери, тие треба да имаат право да го изберат. Ако постои некаква загриженост за програмата на Џафери, или како си ја одработува работата како спикер во Собранието, мислам дека партиите имаат право да го покренат тоа прашање во Собранието и да го адресираат таму, во Парламентот, одговори Американецот.
Тој изјави дека од сите политички лидери добил уверување дека ќе ги почитуваат демократските принципи за мирен трансфер и за изнаоѓање на решение кое ќе биде инклузивно и нема да остави никој изолиран.
Тој го повтори ставот на САД, дека ќе работат со новиот собраниски спикер Талат Џафери, и потенцираше дека истото го соопштиле и ЕУ, НАТО и официјален Берлин.
– Треба да се даде шанса овој процес да продолжи со формирање влада, да се има програма, рече Хојт Ји меѓу другото.
Како што рече тој, жали што прогресот на земјата бил во застој поради политичката криза, но дека САД и понатаму останува посветен за интеграција на Македонија во Европа, како и на целиот Западен Балкан.




