Лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека во прислушуваните разговори не постои доказ кој покажува кој го извршил убиството на Смилковското езеро, но постојат сомнежи дека власта е вмешана.
-По разговорите може да се сфати дека постојат сериозни индиции дека власта сакала да покаже дека Албанци убиле Македонци, тврди Заев во интервју за српски „Курир“.
Тој вели дека постојат разговори кои покажуваат дека нема докази дека оние кои се обвинети за убиството на Смилковскo езеро и што лежат во затвор, се виновни.
– Во прислушуваните разговори не постои доказ кој покажува кој го извршил убиството, но постојат сомнежи дека власта е вмешана, вели Заев.
Заев притоа истакнува дека нема конкретни докази за вмешаност на високи преставници од власта, но затоа пак за има нивни преставници.
– Немам конкретни докази, но мислам дека се вмешани врз основа на тоа што слушнав. Исто така, мислам дека се вмешани и во нападот во Куманово, каде беа убиени наши полицајци. Осум наши полицајци загинаа од криминални структури кои влегоа од Косово во Куманово и ги окупираа куќите. Убеден сум дека власта тука вмешала прсти и дека истрагата ќе го докаже тоа, вели Заев.
Во врска со кумановските настани, на новинарско прашање дали поседува докази докажуваат вмешаност на Сашо Мијалков за настаните во Куманово, заев вели: „Ние имаме само индиции, не и докази“.
– Многу структури се инволвирани. Еден е Синиша Алексовски. Го чувме разговорот помеѓу него и лицата кои се јавуваат кај командантот Мирсад Ндрецај од Косово, познат криминалец и бандит кој хара по овие простори – Косово, Србија, Прешево, Куманово, тетовскиот крај, скопскиот дел и тие имале комуникација. Зошто имале потреба да имаат меѓусебна комуникација. Постојат сериозни индиции за Синиша Алексовски. Мислам дека тој е шеф на обезбедување на тајните служби кој беше кај Ѓорѓе Иванов, но постојат и други индиции за инволвираност во високите структури, додава Заев.
Тој рече дека ќе го оствари ветувањето за меѓународна истрага за Смилковско, за Куманово и за како што вели убиството на Никола Младенов и за убиството на активистот на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Нешковски.
– Мора да постојат независни истраги за вакви работи. Ако сакаме да бидеме земја како сите други земји не може да постојат вакви табу теми, да не се знае кој убил четири деца од македонска православна вероисповест или да не се знае кој уби наши осум полицајци, зошто тоа се случило, кој стои позади тоа, кој убил еден од најславните македонски новинари Никола Младенов. Тој беше критички настроен кон СДСМ и кон ВМРО-ДПМНЕ, изјави Заев.