Министерот за здравство Никола Тодоров не го коментира последниот извешта ј на Фридом Хаус каде се наведува дека тој, како министер нападно извршил политички притисок врз судот.
Иако во извештајот не е наведено за што конкретно се работи, медиумите веќе претпоставуваат дека станува збор за познатиот случај кога судот експресно го прифати барањето на министерот Тодоров да се забрани штрајкот на лекарите, иако беше уредно најавен претходно.
Истиот ден кога беше донесена пресудата, Тодоров одбегна да ја коментира со образложение дека не ја добил. Но, по бурната реакција од лекарите и обвинувањето од Хелсиншкиот комитет дека судот го прекршил уставно загарантираното право на штрајк, Тодоров одговори дека секое право носи и обврски.
-Прво мора да има процес на помирување и определување на минимум работи кои ќе се извршуваат за време на штрајк. Потребно е сите вработени кои учествуваат во штрајкот да бидат известени дека за време на штрајк не се исплаќа плата, туку само придонеси на плата и тоа на минимален износ, изјави тогаш Тодоров.
Овие случувања забележани во извештајот„Нации во транзиција“ на организацијата Фридом Хаус, политичкиот притисок врз судот од страна на министерот го опишуваат како бесрамен. НОВА веќе неколку часа упорно се обидува да добие став од Министертвото за здравство за ова сериозна забелешка од организацијата, а одговор не добивме ниту од Владата.
Од Синдикатот на клиниките велат дека извештајот е реален, бидејќи како што велат „оваа пресуда е преседан, скандалозна и исклучително опасна пред се заради тоа што е донесена за само еден ден, го крши Уставно згарантираното право на штрајк, и е донесена врз основа на лажни податоци засновани на тужбата од министерството кои судот ги земал во предвид без да ги провери.
-Со ова се покажа дека судот е инструмент на власта, практикува и спороведува одлуки на Владата со што ја губи својата основна функција. Со ова е доведена во прашање довербата на граѓаните во судството изјави за НОВА Дејан Ставриќ претседател на Самостојниот синдикат на клиниките.
Постапката на министерот Тодоров или на Владата, со која го злоупотребија судството само по себе говори за демократскиот капацитет и моралната димензија на овие институции вели Ставриќ, кој медиумскиот амбиент, како и амбиентот во државата воопшто го споредува со тој во 1949 година.
Сериозните забелешки на Фридом Хаус се однесуваат на падот на независноста на судството, потенцирајќи го токму овој случај, како и случајот со алармантните нарушувања на истрагата на познато убиство.